Посета на Груевски во САД исклучително продуктивна за земјава, поддршка за членство на Македонија во НАТО

Партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од лидерот Груевски во чиј состав се членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски и пратениците Владимир Ѓорчев и Александар Николоски, со денешната средба со конгресменот од Њу Џерси, Бил Пасквел, ја заокружи неколкудневната посета на САД. За време на неколкудневната посета беа остварени низа средби во Вашингтон и Њујорк, со бројни конгресмени, сенатори и луѓе од јавниот и политичкиот живот во САД, меѓу кои извршниот претседател на атланскиот совет – Дејмон Вилсон, претседателот на советот за надворешна политика на САД – Ричард Хас, шефот на американското тело за набљудување на медиумите – Мајкл Михан, конгресменот Кристофер Смит.

gruevski-elen-tasher-640x285

Во фокусот на разговорите биле справувањето со предизвиците и реализација на стратешките интереси за интегрирање во НАТО, како и актуелната политичка состојба во земјава. Политичките аналитичари посетата на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на САД, ја оценуваат како исклучително продуктивна како за партијата така и за државата.

„Сметам дека ова беше многу корисна посета, со која точно се утврди политиката на Република Македонија, односно влез во НАТО и евроатланските асоцијации. Лидерот на владејачката партија се сретна со многу влијателни политичари, меѓу кои и претседателот на советот за надворешна политика на САД, Ричард Хас, кој има влијание врз ОН, како и со неколку важни конгресмени и од десницата и од левицата, се со цел да се усвојат ставовите како за влез во НАТО, така и ставовите за отворена поддршка на политиката на САД кон Република Македонија. Посетата на Груевски на САД е направена во вистински момент, пред изборите во земјава закажани за 11-ти декември, бидејќи сега е најпогодно време да се расчистат некои отворени прашања кои постоеја. Генерално сметам дека оваа посeта е многу продуктивна како за партијата, така и за Република Македонија“, посочува за Нет Прес, универзитетскиот професор Алексaндар Даштевски.

gruevski-vecera-sredba-sen-640x428

За време на средбите дел од соговорниците искажаа силна поддршка за македонските интеграции во НАТО. Пример за тоа е последната средба која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја оствари со Бил Пасквел, конгресменот од Њу Џерси со најдолг стаж во Американскиот конгрес, кој по средбата посочи дека Македонија припаѓа во НАТО и треба што поскоро да стане членка на алијансата.

„Македонија припаѓа во НАТО алијансата. Македонија треба поскоро да стане членка во НАТО. Големите и малите држави треба да бидат членки на НАТО и ова е силна порака против секој кој што има идеја да се спротивставува на членството на малите држави. Сакам Македонија да стане членка на НАТО и ќе направам се што можам, што е во моја сила и капацитет да направам тоа да се случи’, изјави Пасквел.

gruevski-paskvel-640x360

Дека Македонија треба и заслужува да стане членка на НАТО што поскоро, смета и конгресменот Кристофер Смит, кој својата силна поддршка на Република Македонија ја искажал за време на средбата со Груевски.

„Цврсто сум уверен дека Македонија треба да стане членка на НАТО веднаш. Со сигурност ги исполни критериумите, со извонредно лидерство на Груевски. Имав многу добар состанок разговарајќи за овие прашања, и мислам дека државата ќе биде додадена вредност во алијансата, лојален партнер и пријател. Државата треба да стане членка што поскоро и следниот претседател на САД ова прашање треба да го стави во приоритетите“, изјавил конгресменот Смит.

Приоритетите на Република Македонија во однос на надворешната политика биле афирмирани и за време на средбата со претседателот на советот за надворешна политика на САД – Ричард Хас, на која особено била истакната заложбата за членството во НАТО алијансата како стратешка определба на владејачката партија.

„Разговаравме за Македонија, за односите помеѓу Македонија и Америка, за предизвиците кои што ги имаше и има државата, и можните идеи и начини за напредокот на Македонија во иднина како и натамошните чекори кои што треба да се прават за разрешување на различните видови предизвици. Разговаравме за мигрантската криза и со предизвиците со кои се соочи Македонија во времето на мигрантската криза. Начинот на кој што се справуваше и сите ризици кои што произлегуваа и сеуште произлегуваат од можноста таа повторно да се разгори. Разговаравме и за повеќе значајни работи во делот на односите помеѓу Македонија и САД, за нашето сојузништво, партнерство и за сите оние работи кои што може да бидат предмет на заедничка соработка во иднина. Наша стратешка заложба е земјата да се вклучи во НАТО и во ЕУ и во тој поглед разменивме мислења за натaмошните правци како да се работи да се оствари оваа наша стратешка цел“, изјави Груевски по средбата.

И според извршниот претседател на атланскиот совет – Дејмон Вилсон, Македонија заслужува членство во асоцијацијата, па по средбата со Греувски тој посочи дека по изборите во САД, ќе се внесе енергија во финиширањето интеграциите во НАТО на сите земји од Западен Балкан, вклучително и на Македонија.

„Имавме одличен разговор со Никола Груевски, зборувавме за посветеноста во остварување на целта за интеграција во НАТО на вашата земја, нешто на што заеднички работиме напорно. Македонија поминува низ важен период и важни избори кои престојат, исто како и Америка која го чека завршетокот на изборите и откако тие ќе поминат, ќе се внесе енергија и надеж во атланските интеграции со цел да се финишираат интеграциите на сите земји од Западен Балкан вклучително и Македонија“, изјави Вилсон, по средбата со Греувски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ оствари средба и со доскорешниот заменик државен секретар и поранешен потсекретар за политички прашања во американскиот Стејт Департмент Венди Шерман, како и со Елен Ташер која беше потсекретар на Хилари Клинтон и долгогодишен конгресмен на државата Калифорнија. На средбите се разговарало за исполнување на стратешките определби на Република Македонија, можностите за дополнително интензивирање и јакнење на пријателството меѓу двете држави, кое освен политичка компонента содржи и огромен економски потенцијал.

Осврнувајќи се на целокупната посетата на Соединетите Американски Држави, Груевски посочи дека сите средбите поминале во позитивен дух и дека оствариле низа средби со повеќе политичари, конгресмени, сенатори, но и креирачи на јавното мислење.

„Се сретнавме со повеќе конгресмени, сенатори, други политички личности, со кој споделивме многу информации, дадовме детали за работи кои можеби доволно не ги знаеа, а со цел да помогнеме во остварувањето на стратешките цели на Република Македонија, зајакнувањето на односите со САД и секако нашата стратешка цел членство во НАТО, каде САД има клучно влијание, како и другите цели, вклучувајќи го членството во ЕУ и нашите планови за понатамошен напредок на Република Македонија“, изјави Груевски.