Посетата на Путин на Србија, топ тема во регионот

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе ја посети Србија при што ќе разговара со државниот врв и ќе присуствува на одбележување на 70. годишнината од ослободувањето на Белград и победа над фашизмот и 100 години од почетокот на Првата светска војна. По тој повод ќе се одржи голема воена парада, која поради обилните врнежи во Белград ќе се одвива во отежнати околности.

Путин во Белград ќе престојува шест часа. Најпрво ќе положи венец на Гробиштата на ослободителите на Белград, потоа во Палатата Србија ќе разговара со највисоките домашни официјални лица. Ќе го дочека претседателот Томислав Николиќ па ќе разговара и со премиерот Александар Вучиќ .

Повеќе од 100 основни и средни школи во Белград кои се на подрачјето на Нов Белград и Земун нема да работат или ќе имаат скратени часови поради одржување на воената парада.