Посетата на Венизелос на Македонија-топ тема во грчките медиуми

Анализи, коментари, колумни, реакции – посетата на шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос на Македонија, во својство на претседавач со Советот на министри на ЕУ, предизвикува еднаков интерес и кај нас и кај јужниот сосед. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчките медиуми се трудат посетата да ја прикажат како знак на конструктивност, тврдејќи дека во Македонија се создава негативна клима околу доаѓањето на Венизелос и тоа наводно на иницијатива на македонската Влада.

Во Македонија пак, сосема поинаква слика. Скептицизам за вистинските намери зад посетата на Венизелос изразуваат медиумите, експертите и граѓаните.

Под насловот „Венизелос ќе се вози до Скопје”, весникот „Етнос” пишува за одлуката на Венизелос да не слета на „Александар Велики” туку на приштинскиот аеродром, а од таму со автомобил да допатува до Скопје.

Иако Грците го исфрлија проширувањето на ЕУ од своите приоритети, „Етнос” тврди дека со регионалната турнеја Венизелос сакал да испрати порака дека ЕУ, а особено Грција, наводно ја поддржувале европската перспектива на земјите од регионот.

„Во Скопје, пак, на иницијатива на Владата беше формирана не толку поволна клима за посетата на грчкиот министер за надворешни работи.  Министерот за надворешни работи Попоски вчера изјави дека постои ризик посетата да помине како протоколарна, заклучувајќи дека главниот проблем што ја попречува интеграцијата на Македонија во ЕУ е однесувањето на Грција поради прашањето со името,” се вели во анализата на „Етнос”.

„Та неа” пак информира дека шефот на македонската дипломатија смета дека прашањето со името нема да доминира во рамките на посетата на Венизелос.

„Верувам дека билатералното прашање нема големи изгледи да биде третирано во овие рамки, затоа што моменталната стратегија на Грција е да избегнува дискусија за ова прашање, а воедно ќе биде потенцирана улогата на претседавач со ЕУ, ”е делот од изјавата на Попоски што го пренесува „Прото тема”.

 

Порталот “Хелас нау” пак, во текстот под насловот “ Oткако ги закопа Кипар и Македонија, Венизелос оди во Скопје ! ” , жестоко го критикува шефот на грчката дипломатија, тврдејќи дека посетата се случува поради американска интервенција и дека Венизелос всушност постапувал според инструкциите на шефот на американската дипломатија Џон Кери со кого се сретна минатиот месец во Вашингтон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.