Посилна поддршка од Конгресната група за Македонија во НАТО

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски денеска оствари средба со висока делегација од Претставничкиот дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави. Делегацијата, предводена од конгресменот од Охајо, Мајкл Тарнер, престојува во работна посета на нашата држава. На средбата беше заемно истакнато задоволството од одличниот развој на билатералните односи меѓу Македонија и САД, кои ги карактеризира стратешко партнерство, отворен дијалог и пријателство,  како и интересот за нивно сèвкупно натамошно унапредување во домените од интерес.

При тоа, посебен акцент беше ставен на парламентарната соработка меѓу двете пријателски држави, која што се одвива успешно и во континуитет. Во Собранието на Република Македонија функционира Пратеничка група за соработка со Соединетите Американски Држави, додека пак, во американскиот Конгрес постои Конгресната група за соработка со Македонија, која во моментов брои околу дваесетина конгресмени.

Посебен акцент на средбата беше ставен на обезбедување на уште позасилена поддршка на претставниците на американскиот Конгрес во претстојниот период, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Република Македонија во  НАТО.

Воедно, беа разменети мислења за актуелните случувања во регионот на Југоисточна Европа, како и за меѓународните напори во борбата против растечките закани од тероризмот и насилниот екстремизам во светски рамки. Во тој контекст, беше поздравен придонесот и на нашата држава, кон сèвкупните напори за обезбедување на мир,  безбедност и просперитет,  во регионални и глобални рамки.