Поскапуваат цигарите, струјата и бензинот

Од утре, повисока цена ќе имаат цигарите, струјата и горивата. Со зголемување на акцизата за цигари за 0,15, односно 0,20 денари годишно до 2023 година цената на цигарите што се продаваат по 50 денари би требало да порасен до 90 денари.

Данокот и акцизата учествуваат во структурата на малопродажната цена на цигарите со 75 отсто.

„Токму затоа, може да се очекува да се зголемат цените на цигарите. Сепак, акцизите не се единствениот фактор во формирањето на цените. Голема улога има и конкуренцијата, која е силна на македонскиот тутунски пазар. На овој пазар сме присутни долги години и имаме намера да го развиваме и понатаму и нема да дозволиме царинските ограничувања да не оневозможат во работењето и нашата стабилност на овој или на кој било друг пазар во регионот – истакнал Мато Задро, претседател на Управата на хрватскиот тутунски производител ТДР.

Сепак не се најавено конкретно колкаво ќе биде поскапувањето.

Колку ќе се зголеми цената на струјата треба утре да соопшти Регулаторната комисија за енергетика, која ги заврши пресметките за корекција на цената, според доставените извештаи на енергетските компании. Според неофицијални информации, електричната енергија за домаќинствата ќе биде поскапа за околу 3,5 отсто, бидејќи енергетските компании, ЕВН Македонија, ЕЛЕМ и МЕПСО прикажале зголемени трошоци и инвестиции во работењето. Па, зависно од нивната висина и од оправданоста што ќе ја утврди Регулаторна, ќе биде определен и процентот на корекција на досегашната цена.

Од ЕВН велат дека веќе го информирале Регулаторот дека со добиената цена од 1,29 отсто, ќе бидат принудени да ги намалат планираните инвестиции, со оглед на тоа што финансиската состојба нема да им дозволи истите да бидат реализирани.Инаку, во новата цена не се земени предвид трошоците поврзани со претстојната либерализација на пазарот.

Денеска,  Регулаторната комисија треба да ги соопшти и новите цени на горивата, кои се очекува да бидат повисоки. Пред две недели цената на бензините беше зголемена за 0,5 денари, додека цените кај дизелот останаа непроменети. Но, со оглед на тоа што цената на нафтата на светските берзи во последните недели растеше, пред се’ поради војната во Ирак, се очекува тоа да се рефлектира и врз зголемување на цените на нафтените деривати во земјава.