Поскапуваат дизелот и нафтата за домаќинство

Владата го разгледа и го усвои предлог законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите со кој се предлага зголемување на висината на акцизата на гасно масло (дизел гориво) кое се користи како погонско гориво и на гасното масло што се користи како гориво за греење, за 3 денари, стои во соопштението испратено од прес службата на Владата во средата вечерта.

Владата на денешната седница го усвои предлогот за зголемување на акцизата на дизелот. Покрај горивото кое се користи за автомобилите, за 3 денари ќе скокне и акцизата на нафтата за домаќинство која се користи за греење.

Со тоа, од почетокот на идната година акцизата на дизелот ќе се зголеми за 3 денари а заедно со ДДВ ќе чини над 3,5 денари за еден литар дизел гориво.

Како што претходно беше соопштено, зголемувањето на акцизата се предлага од 1 јануари 2018 година, а очекуваниот ефект во буџетот за наредната година е 1,6 милијарди денари. Зголемувањето на акцизата на нафта Владата го предлага како соодветна измена на даночната регулатива. Притоа, ефектите од оваа мерка се зголемување на буџетските приходи, усогласување со европските стандарди и регулативите на Европската Унија, како и заштита на животната средина, односно намалување на загадувањето.

Ефектот од зголемување на акцизата на нафтата соодветно е изразен и во очекувано зголемување на приходите од ДДВ за околу 350 милиони денари, што е проектирано во Прелог-буџетот за 2018 година.

Дизелот поскапе за 15 денари во споредба со јануари 2016 година, Владата го поскапува за дополнителни 3,5 денари.

За само 20 месеци, цената на дизелот се зголеми за цели 15 денари. Дополнително, од јануари со зголемувањето на акцизата со владината одлука, дизелот ќе поскапе за дополнителни 3,5 денари.

Во јануари 2016-та година, литар дизел се точеше по 39 денари на бензинските пумпи. Дваесет месеци подоцна, односно ноември 2017-та, цената на дизел горивото изнесува 54 денари, согласно цените кои во понеделникот ги објави РКЕ.

Во јануари 2016-та година, РКЕ соопшти дека новата цена на Еуросупер – 95 од се намалува на 57 и пол денари. Еуросупер – 98 се продаваше за 59 и пол денари за литар, додека дизелот чилеше 39 денари за литар.

РКЕ во понеделникот соопшти дека малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од полноќ се зголемува за 2,50 денари, на ЕУРОСУПЕР БС-98 за три, а на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за два денара од литари. Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 66,50 денари, а литар ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 68,50 денари. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе се продава за 54,00 денари.