Последните билети за Манчестер Ј. и Борусија Д.

Познати се сите патници кои ќе бидат дел од следната, 1/4 финална фаза од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Со фуриозна игра и заслужен триумф од 3:0 (вкупно 3:2), актуелниот шампион на Англија, тимот на Манчестер Јунајтед го победи и го елиминира грчкиот претставник, Олимпијакос, кој веќе во првите 45 минути ја прокоцка големата предност од два гола која ја имаше после првиот 1/8 финален натпревар.

Сите три погодоци беа дело на холандскиот интернационалец, Робин ван Перси, а маестрална партија имаше и шпанскиот голман Давид де Геа кој спаси неколку чисти погодоци во првото полувреме.

И покрај минималниот триумф од 2:1 (вкупно 5:4)  на рускиот прволигаш Зенит, фудбалерите на Борусија Дортмунд обезбедија пласман во следната елиминациска рунда од ЛШ.

Гостинот дојде во водство со прекрасниот погодок на Хулк, на 1:1 израмни заменик-капитенот на германскиот бундеслигаш Себастијан Кел, а во второто полувреме, во листата на стрелци се запиша и Рондон.

Утре во Нион, со почеток во 12:00 часот ќе стартува ждрепката за 1/4 финалната рунда од Лигата на шампиони.