Последните зборови на убиениот полицаец: „Mе прободе со нож во грбот, мислам дека крвавам“

Горан Станишевски (36) од Kуманово е полицаецот кој завчера вечерта беше убиен со нож од насилник кај кого отшил да интервенира поради семејно насилство во кумановската ромска населба Средорек, информира МВР.

Станишевски, кој бил вработен во СВР Kуманово, завчера вечерта заедно со уште тројца колеги отишле по претходна пријава за семејно насилство во куќата на Енвер Бајрамовски (33), кој со нож го пробол полицаецот во грбот и го убил. Полицајците го уапсиле насилникот, кој бил психички болен, бил агресивен, а само четири дена претходно бил пуштен од Психијатриската болница во Бардовци на барање на неговиот татко, пренесува Дневник.

Според полицијата, трагичниот настан настан се случил откако половина час претходно, околу 21.30 часот, лекар од Брза помош се јавил во СВР Kуманово и пријавил дека кај нив биле пренесени повредени мајка и ќерка. По ова полицајците добиле наредба да интервенираат во домот на Бајрамовски, да го уапсат и да го пренесат во психијатриска болница.

Интервенирале четворица полицајци

Најпрвин двајца полицајци заминале во болницата каде што биле згрижени мајката и ќерката и по разговорот со нив било утврдено дека станува збор за насилник со нарушено психичко здравје. Бидејќи станувало збор за агресивно лице, на местото на настанот била испратена уште една група за интервенција од двајца полицајци меѓу кои бил и Станишевски. Таму биле пречекани од таткото на насилникот, кој кажал дека неговиот син е дома, дека е агресивен и оти го нападнал семејството.

Полицајците влегле внатре, но поради тесниот пристап до влезот прв бил полицаецот Станишевски, а по него другите тројца полицајци. Kога влегле во собата, насилникот замавнал со стаклен предмет кон нив, но никого не повредил. Тогаш полицаецот Станишковски забележал дека има нож во рацете и им рекол на колегите да се повлечат. Додека излегувале полицаецот Станишковски им рекол на колегите дека најверојатно е повреден со нож и оти има крв на грбот.

– Повредениот полицаец со возило на Итната медицинска помош веднаш беше префрлен во кумановската болница. Kако итен случај бил примен на хируршкото одделение, каде што почнала реанимација на градниот кош. Меѓутоа, по кратко време Станишковски им подлегнал на повредите – велат од МВР.

Дежурните лекари на хируршкото одделение во кумановската болница вчера не сакаа да дадат информација во колку часот и во каква состојба бил примен пациентот, ниту за видот на повредата. Се правдаа дека немаат информации, бидејќи не биле дежурни ноќта кога се случило убиството.

Полицајците што останале на местото на настанот по кратко време го совладале насилникот и го уапсиле. Во присуство на Јавен обвинител, екипа на СВР Kуманово извршила увид на местото на настанот. Телото на починатиот полициски службеник е предадено за обдукција на Институтот за судска медицина.

Според МВР, лекар од Медицински центар Kуманово, повеќепати барал асистенција од полицијата при укажување лекарска помош на лицето Е.Б. Истиот подолг период престојувал во психијатриската болница во Бардовци, во Скопје.

Убиецот боледувал од шизофренија

Родителите на Енвер, со кои разговараме вчера во нивната семејна куќа, велат дека нивниот син боледува од шизофренија повеќе од 20 години. Се однесувал агресивно дома и кршел с` околу себе. Татко му во петокот го однел во болницата во Бардовци, но докторката го вратила бидејќи сметала дека здравствената состојба му е добра, а и немало место во болницата.

– Се гледаше дека не добар. Мене ќе ме тепаше уште таму во болницата, но моравме да се вратиме дома. Беше добар последните 3-4 дена, а вчера го фатија лудите. Ги претепа мајка си и девојчето. Ги удираше со боксови по лицето и едвај ги спасивме. Ништо не знае кога ќе добие напад, разговара со мртви и само ни се заканува дека ќе н` убие. Да го примеа во болница, немаше да се случи оваа работа – ни кажа Муарем (72), татко на уапсениот.

Тој вели дека ги предупредил полицајците оти Енвер е агресивен, но дека никој не се надевал оти ќе ги нападне со нож.

– Нападот го изврши со мало кујнско ноже со пластични корици, кое стоеше на шпоретот пред куќата. Набрзина го грабна и го нападна полицаецот, кој веќе тргна кон излезот на дворот. Жалам за убиениот полицаец. Мојот син не бил свесен за тоа што го стори – ни кажа таткото.

И соседите на семејството во Средорек велат дека Енвер бил насилен кога не примал терапија, затоа се плашеле и бегале од него.

Пред пет дена бил пуштен од психијатриската болница во Бардовци

Напаѓачот претходно повеќепати бил хоспитализиран за психијатриско лекување. Последен пат, по барање на неговиот татко, од Психијатриската болница во Скопје бил пуштен дома пред пет дена, односно на 25 јули годинава, велат од Основното јавно обвинителство-Kуманово.

Надлежен јавен обвинител ќе предложи мерка притвор за напаѓачот.

Дежурен јавен обвинител од ОЈО Kуманово изврши увид во населбата Средорек во Kуманово, каде што при интервенција по пријава за семејно насилство животот го загуби еден припадник на полициските сили. При интервенцијата, пријавениот за семејно насилство ги нападнал четворицата полицајци што дошле во неговиот дом, при што на едниот му нанел убод со нож во пределот на грбот – велат од ОЈО Kуманово.

Веднаш по увидот на самото место, надлежниот обвинител издаде наредби за обдукција на починатиот. Ќе се вештачат трагите и материјалните докази пронајдени на самото место.

policaec-3

ГОЛЕМ ЧОВЕК И ПРОФЕСИОНАЛЕЦ

Станишковски порано работел во АРМ, па во специјалната единица „Алфа“, а од неодамна во екипата за брза интервенција во СВР Kуманово. Неговите колеги велат дека бил голем човек и врвен професионалец.

Kумановци се во шок од последната трагедија. Не можат да поверуваат дека е изгубен еден млад живот, од лице што поради болеста нема да биде соодветно казнето. Затоа апелираат до надлежните институции да поведат грижа за лицата со психички проблеми и да ги згрижат во соодветните институции.