Последно извлекување од „Фискална во рака-Награда без мака“ во понеделник

Со извлекувањето кое ќе биде реализирано во понеделник, 29 декември 2014 со директен пренос на МТВ1, ќе го заокружиме циклусот извлекувања од Наградната игра Фискална во рака-награда без мака. За наградната игра постоеше масовен интерес од граѓаните во текот на сите 12 кола кои претходеа. Граѓаните со многу прашања и возбуда го очекуваат и ова коло.

Во понеделник 29.12.14 по 20ч. на МТВ1 со директен пренос, ќе може да го проследите извлекувањето на последното 13то коло од наградната игра.

Во ова коло на наградната игра ФИСКАЛНА ВО РАКА – НАГРАДА БЕЗ МАКА ќе се извлекува за еден стан, еден деловен простор, еден автомобил, 30 вредносни ваучери од 3.000 до 60.000 денари и 120 вредносни ваучери за прехранбени продукти во вредност од по 1000 денари.

Во извлекувањето учествуваат сите коверти испратени со сметки кои се валидни од најран датум 15.11. 2013та година. Нема ограничување за тоа дали фискалните сметки се од едно или од различни продажни места. Околу фискалните сметки, не постои ограничување за сумата, нема минимум лимит на една или на сите 20 сметки.

Само за потсетување, за учество во наградната игра треба да се испратат 20 фискални сметки со најран датум од 15.11. 2013та, во стандарден бел коверт во кој покрај фискалните сметки треба да има посебен лист на кој ќе бидат наведени податоците на испраќачот: име, презиме, адреса и контакт телефон. Ковертот мора да биде адресиран и на него не треба да биде напишано ништо друго освен адресата на организаторот и намената – за наградна игра:

ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА НА МАКЕДОНИЈА
БУЛ. “ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ” БР. 8, 1000 СКОПЈЕ
ЗА НАГРАДНА ИГРА ФИСКАЛНА ВО РАКА – НАГРАДА БЕЗ МАКА

Досега од наградната игра ФИСКАЛНА ВО РАКА – НАГРАДА БЕЗ МАКА чиј приредувач е Државна лотарија на Македонија под покровителство на Министерство за финансии, се доделија два стана и тоа на добитникот Трајко Кузмановски од Куманово и добитничката Весна Угриновска од Велес, два деловни простора кои ги освоија Димитар Миладинов од Струга и Снежана Јовановска од Скопје, како и 12 автомобили. Покрај главните награди за претходните 12 извлекувања, доделени се и 1800 вредносни ваучери од 60.000 до 1000 денари на добитници ширум Македонија.

Добитниците на вредносните ваучери по различни категории, своите награди – вредносни ваучери ќе ги подигнат од благајната на приредувачот. Ваучерите во вредност од 1.000 до 5.000 денари за добитниците од другите градови освен Скопје, ќе бидат доставени на адреса на добитникот со препорачана пошта, додека за подигање на ваучерите во вредност од над 5.000 денари добитниците треба да дојдат во благајната на Државна лотарија на Македонија, во рок не подолг од 60 дена од објавата на извештајот со добитници од наградната игра.

Имињата на добитниците, во рок од три дена по звлекувањето, ќе бидат објавени во дневниот печат и на веб страната на Државна лотарија на Македонија.

По добивање на вредносните ваучери, добитниците имаат можност согласно категоријата на производи, да се обратат на било кое продажно место на соработниците, наведени на самиот ваучер, каде во соодветната категорија на производи може да изберат еден или повеќе производи до соодветната вредност, со дополнително намалена вредност од малопродажната (наведен процент на попуст на ваучерот), со што се остава слобода на изборот согласно потребата на добитникот.