Посно мени денеска во Нетпрес: Риба панирана во пиво и посно рафаело

За  петочното мени ви предлагаме риба панирана во пиво и посно рафаело.

Риба панирана во пиво

Потребни состојки:

4 филети замрзната риба
2 дл пиво
1 лажичка сол
По потреба пченично брашно
Масло за пржење

Подготовка:

Секоја филета посолете ја и оставете ја малку да се одмрзне. Ако се големи пресечете ги на половина. Опашката немојте да ја солите бидејќи ќе се одмрзне побрзо од остатокот, а бидејќи е тенка ќе изгуби течно и ќе биде сува по пржењето.

Потоа во еден сад сипете пиво додадете сол (садот нека биде подлабок бидејќи кога на пивото ќе му се додаде сол ќе пени) додајте брашно малку по малку и мешајте за да се добие смеса без грутчиња. Треба да биде погуста од смеса за палачинки за да се залепи на рибата. Секогаш може да се додаде брашно или да се разреди со пиво.

Полуодмрзнатата риба на натопете ја во смесата и потоа пржете ја во масло. Во смесата може да додадете и мелена црвена пиперка, сенф или куркум што зависи од прилогот со кој што ќе ја сервирате.

Совет

За рибата да не се распадне при пржење превртувајте ја со штипка за храна.

Послужување

Вака панираната риба нема да упива маснотии поради што не е треба да се држи на хартија по пржењето. Ова погоден начин само за риба без коски.

За десерт предлагаме превкусно посно рафаело.

posno rafaelo

Потребни состојки:

150 гр локум
150 гр шеќер во прав
150 гр кокосово брашно
30 гр маргарин
30 лешници

Подготовка:

Сите состојки се мешаат, се прават топчиња и во секое се става по еден лешник. Се добиваат околу 30 парчиња.

Пријатен апетит!