„Курир“: Запрени постапките против Заев, Црвенковски, Верушевски – Кој од СДСМ и овој пат нема да одговара?

После „Големото уво“, аферата со прислушување со која Бранко Црвенковски се врати на власт, Зоран Верушевски со вчерашната одлука на претседателот на државата Ѓорге Иванов успеа по втор пат да избегне одговорност пред законот, пишува „Курир“.

Порталот потсетува дека со одлуката на Иванов се прекинува кривичниот прогон и против актуелниот претседател на СДСМ Зоран Заев за случаите „Пуч“ и „Поткуп“, како и против поранешниот Црвенковски чиј предмет „Надеж“ исто така беше преземен од Специјалното јавно обвинителство.

Воедно, со вчерашната одлука на претседателот Иванов се запира кривичниот прогон и против Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и останатите обвинители од СЈО, поврзани со малтретирање во служба и со нудење поткуп заради обезбедување невистинити изјави. Од кривичен прогон се ослободува и Ѓорѓи Лазаревски, а Звонко Костовски кој призна дека незаконски следел комуникациите и истите му ги предал на Верушевски е амнестиран од издржување на затворска казна. Костовски беше осуден на три години затвор откако беше осомничен за шпионажа и неовластено прислушување и прифати судска спогодба, пишува „Курир“.

Сепак, како што нагласува порталот, останува неизвесно дали одлуката важи и за Божидар Јанковски, сопругот на Радмила Шекеринска кој беше осомничен за затајување данок. Сопругот на заменик претседателката на СДСМ во периодот од 2009 до 2013 година самиот на себе си изнајмувал 4 станови сопственост на неговото семјство за суми кои се неколкупати повисоки од реалните на домашниот пазар на недвижности.

Сопругот на Шеќеринска, за станот на улицата Хаванска во Скопје, месечно од фирмата Дајнерс, каде има функција на управител на личната сметка си префрлал по 5300 евра. Само за овој стан, во периодот од 4 години, сопругот на Шеќеринска успеал да извлече од фирмата Дајнерс неверојатни 203 илјади евра.

Уште над 100.000 евра за 5 години Бобо Дајнерс извлекол и  за станот на неговата мајка на булеварот Партизански одреди за кој месечно си плаќал по неверојатни 2.500 евра.