Поставен камен-темелник на нова детска градинка во Општина Карбинци

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов  и градоначалникот  на Општина Карбинци, Зоран Минов , го поставија камен темелникот на новата детска грединка во Општина Карбинци.

Проектот ќе се реализира со средства од ИПА програмите за меѓугранична соработка во рамки на проектот “Подобрување на квалитетот и достапноста до социјалните услуги во општините Струмјани и Карбинци “ одобрен за финасирање преку Програмата за меѓугранична соработка меѓу Бугарија и Македонија по Инструментот за предпристапна помош.

„Министерството за труд ќе учествува во опремување на градинката согласно сите стандарди и процедури. Нашата цел е зголемување на капацитетите на градинките и изградба на нови во соработка со општините. Изминатиов период имавме голем број инвестиции во насока на зголемување и подобрување на капацитетие за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст“, изјави Спасов.

Како што информира министерот, во завршна фаза се изградбите на градинките во Росоман, Василево, Градско, а почнува и реконструкција на градинката во Општина Дојран.

„Ако во 2006 година за годишната граница од три до шест години вкупниот сместувачки капацитет беше околу 11 отсто, во 2011 се зголеми на 22 од вкупниот број деца и во 2013 година со сите инвестиции кои се реализирани, достигна 34 проценти“, напомена министерот.

Градоначалникот Минов рече дека градинката ќе биде со површина од 400 метри квадратни и капацитет за сместување на 80 деца на возраст од 1 до 6 години.

Со изградбата, општина Карбинци веќе се осамостојува, а родителите ќе немаат дополнителни трошоци за пат како досега, кога децата од предучилишна возраст мораа ги сместуваа во градинките во Штип

Проектот е вклучен и во Проeктот на Владата на Република Македонија “ИЗГРАДБА НА ДЕТСКИ ГРАДИНКИ ВО РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.