Поставени нови подземни контејнери во Драчево

Град Скопје денеска ги пушти во употреба подземните контејнери за одлагање комунален отпад на улица Димитрие Чуповски во населбата Драчево, што е дел од втората фаза на проектот за поставување Систем за подземни контејнери.

На пуштањето на подземните контејнери присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ и директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена”, Ракип Дочи.

k1

– Празнењето на подземните контејнери е на хидрауличен погон, за што ќе се употребуваат три од постојните возила на ЈП „Комунална хигиена“, коишто се специјално надградени за оваа намена. Системот за собирање на комуналниот отпад во подземни контејнери е исклучително софистициран и успешен и веќе подолг период се применува во светски рамки, со одлични ефекти во заштитата и зачувувањето на здравјето на граѓаните и природната околина. За реализација на овој значаен проект се издвоени вкупно 6,6 милиони денари, од кои секоја од трите вклучени страни издвојува по 2,2  милиони денари, односно подеднакво инвестираат Градот Скопје, општината Кисела Вода и ЈП „Комунална хигиена“, кажа градоначалникот Трајановски.

k2

Беличанец-Алексиќ изјави дека ова е трета локација на територијата на Општина Кисела Вода каде што се поставуваат вакви подземни контејнери, каде што претходно се поставени пред ОУ „Круме Кепески“ и на улицата „Михаил Чаков”, кај ОУ „Невена Георгиева Дуња“, како и дека општината веќе работи на лоцирање на микро локации за поставување  нови подземни контејнери.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Дочи изјави дека во првата фаза од проектот за поставување Систем за подземни контејнери во општина Центар се поставени 14 платформи со по 3 подземни контејнери, а во општина Чаир се поставени 2 платформи со по два контејнера, за што беа потрошени вкупно 33,2 милиони денари. Во рамките на втората фаза од овој проект ќе бидат поставени подземни контејнери на девет микро-локации, односно по три контејнери на три-микролокации во општините  Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба.

Подземните контејнери имаат зафатнина од 3 кубни метри, во нив отпадот се складира на пониска температура, притоа не зафаќајќи слободна површина над земјата. На тој начин се намалува и непријатната миризба што се шири од отпадот, како и можноста за негово разнесување во околината.