Постигнат договор за предвремени парламентарни избори во Бугарија

Бугарските политички партии постигнаа договор денеска за одржување предвремени парламентарни избори меѓу 28 септември и 12 октомври, соопшти Кабинетот на претседателот на државата Розен Плевнелиев.

Владејачката коалиција во петокот „преживеа“ петто гласање за доверба на Владата, но очекувањата се дека наскоро ќе поднесат оставка заради лошите резултати на владејачките социјалисти на мајските избори за Европскиот парламент.

Социјалистите потклекнаа под притисокот на својот коалициски партнер на турското малцинство во Бугарија, Движењето за права и слободи и главната опозициска партија Граѓани за европски развој во државата, да се одржат предвремени парламентарни избори со што ќе има пад на втора влада во изминатите две години во Бугарија.