Македонија

Постигнат е договор за Изборниот законик

Постигнат е договор за Изборниот законик
Постигнат е договор за Изборниот законик

Денес се постигна договор за изборниот законик. Сета енергија која што ја вложивме, целото време, многу аргументи, имаше и непријатни моменти, но договорот е постигнат, информира Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Постигнувањето на договорот за изборниот законик значи уште еден чекор во исполнување на договореното помеѓу четирите политички партии и со тој договор се обезбедуваат условите за одржување на предвремените избори, рече Димовски.

Повлекувањето на СДСМ од преговорите според Димовски е показател на стравот на опозицијата да се соочи со народот на избори.

-Денешното повлекување на СДСМ го разбираме како повторена повеќе пати тактика на таа партија, секогаш кога ќе има прогрес во разговорите и секогаш кога ќе се исполнуваат условите за оддржување на предвремени парламентарни избори, тие да бараат причини и да бараат изговор за да се повлечат односно да го исполнат своето сценарио да се одложат или да не се одржат избори. Луѓето очигледно имаат проблем со поддршката кај граѓаните, имаат проблем внатре во својата партија и бараат начин како да сево ова што веќе е договорено меѓу 4 политички партии, вклучително и изборниот законик кој денес го договоривме, да не заврши со предвремени избори, знаејќи дека ќе ги изгубат, рече Димовски.

Дијаспората ќе има свои претставници во Законодавниот дом. За време на преговорите, владејачката партија инсистираше на ова и се избори дијаспората да гласа и да има свои пратеници.

-Тие ќе се бираат на пропорционален модел, како и во Македонија, односно ќе има една изборна единица во која ќе се бираат три пратеници со потребен минимум на гласови колку што е и во Македонија, некаде над 6000 гласови за еден пратеник, но ќе се бираат сите три на една листа, истакна Илија Димовски.

Нема бадинтер во ДИК, ќе се одлучува со мнозинство, освен во одредени случаи кога ќе се одлучува со конзензус.

-Во одредени случаеви, во насока на заштита на интересите на заедниците, по претходно барање, ДИК, наместо со апсолутно мнозинство, како што е генерално правило, по барање на немнозинските заедници, ќе има обврска ДИК да гласа консензуално. Ако не донесе ДИК одлука заради неможноста да се постигне консензус, тогаш надлежен за таквата одлука е Управниот суд, истакна денес Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ се откажа од активна регистрација на гласачите, со што се потврди дека поради маркетинг го оспорува избирачкиот список.

-Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше дека избирачкиот список и таков каков што е денеска ги исполнува стандардите за одржување на фер и легитимни избори, но понудивме опција до сите политички партии било каков предлог кој ќе го усогласат за зголемување на нивната доверба во изборниот процес, односно во избирачкиот список, за нас е прифатлив заради тоа што нема што да се крие. Тоа на крај се докажа со откажувањето на СДСМ од активната регистрација. Нивните тврдења дека изборите не биле фер и не биле легитимни, самите си ги негираа со повлекување на тој предлог, истакна Димовски.