Постигнат „принципиелен договор“ за прекин на конфликтот во Јемен

Учесниците на преговорите за ставање крај на конфликтот во Јемен, што се одржуваат во Кувајт, постигнаа „принципиелн договор“ за прекин на огнот и за формирање на влада на национално единство во која ќе бидат вклучени претставници на сите завојувани страни, јавија руските медиуми.

Мировните преговори во Кувајт беа обновени во понеделникот. Преговорите, кои започнаа на 21 април, беа прекинати минатиот вторник на барање на претставниците на јеменската Влада, кои ги обвинија шиитските бунтовници Хути дека не ги спроведуваат обврските кои ги презедоа.

Владините претставници бараа Хутите да потпишат писмена изјава во која ќе потврдат дека ја прифаќаат Резолуцијата 2216 на Советот за безбедност на ОН, со која се бара шиитските бунтовници да се повлечат од реоните што ги зазедоа и да го предадат своето тешко оружје.

Но, иако ваквото барање не беше исполнето, по средбата на јеменскиот претседател Абд Рабу Мансур Хади со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, владината делегација во понеделникот сепак реши да се вртаи на преговорачката маса.

Конфликтот во Јемен се интензивираше во јули 2014 година, кога Хутите, кои властите ги обвинуваат дека се потпомогнати од Иран, започнаа офанзива против владините сили и презедоа контрола врз голем дел од територијата на земјата, вклулчувајќи го и главниот град Сана.

Во март 2015 во конфликтот се вклучи и Саудиска Арабија, која формираше арапска коалиција заедно со сунитските земји од Пресискиот Залив, која започна воздушни напади врз Хутите.

Подоцна во конфликот се вклучија и армиските сили лојалани на поранешниот јеменски претседател Али Абдулах Салех, кои се здружија со Хутите во борбите против владините сили и арапската коалиција.

Според податоците на ОН, во судирите во Јемен во изминативе неполни две години загинаа над 6.400 лица, а околу 2,8 милиони беа приндени да ги напуштат своите домови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.