Постои ли друг сигурен извор за гас за Македонија освен „Јужен тек“?

Претседателот на Русија Владимир Путин најави дека ќе се стопира изградбата на гасоводот „Јужен тек“. Македонија полагаше големи надежи во овој проект и се веруваше дека токму со него ќе се обезбеди енергетска стабилност. Сепак, постојат и други алтернативи кои што во иднина би можеле да обезбедат енергетска сигурност. Една таква е Транс-јадранскиот гасовод кој ќе се протега од Каспиското до Јадранското море.

Македонската влада кон крајот на јули 2013 година потпиша договор со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот „Јужен тек“.

Претставниците на извршната власт тогаш изјавија дека со потегот е обезбедена енергетска иднина на земјата. По помалку од една и пол година, позицијата во која се наоѓа земјава во однос на снабдувањето со гас е неизвесна. Па затоа, сосема нормално, се поставува прашањето дали постојат други алтернативни решенија кои би и понудиле сигурна енергетска стабилност на земјата во иднина.

Засега не споменува конкретна алтернатива, како што е можноста за приклучување кон Транс – јадранскиот гасовод (ТАП) или другите слични проекти што во иднина треба да црпат гас од Азербејџан и да го спроведуваат низ Турција. Од капацитетот на постоечкиот магистрален гасовод од околу 800 милиони метри кубни гас, македонските потрошувачи користат околу 20%.

Она што е загрижувачки за подолг временски период се големите проекти за гасификација што чекаат на реализација. Владата веќе ја привршува постапката за избор на меѓународна компанија која ќе ја гради и ќе стопанисува со дистрибутивната гасоводна мрежа во скопскиот регион, а подолго време се прават обиди за пронаоѓање приватни партнери и за гасификација на источниот и на западниот дел на Македонија. Меѓу стручната јавност се споменува идејата за гасификација на термоелектраните „Неготино“ и на „Осломеј“, како единствена можност овие стратешки енергетски објекти да продолжат со работа во подолг временски период. Сите овие амбициозни проекти бараат сигурен извор на природен гас во иднина и можност за избор помеѓу различни добавувачи.

Дали „Јужен тек“ беше преголем товар за Русија и Газпром?

juzzen_tek_2Изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе ја откаже изградбата на гасоводот Јужен тек, предизвика измешани реакции кај земјите во Централна и источна Европа кои што зависат од рускиот гас.

Некои сметаа дека, паралелно со нуклеарната експанзија, гасоводот ќе биде „продолжена рака на Кремлин“ која ќе го отвори патот за политичко и економско влијание. Па така оваа одлука на Путин во голема мера ги менува работите.

– Можеби е само блеф, за да се притиснат властите во Бугарија, Србија, Унгарија и Австрија за да се соединат и да се забрза проектот и пред Европската Комисија, вели за Би- Би- Си Мартин Владимиров, специјалист за енергетика во Центарот за проучување на демократијата во Софија.

Сепак, тој нуди и друго објаснување дека „Јужен тек“ е едноставно „голем товар“ со кој што се соочува руската државна компанија Газпром, која во моментов и онака има големи финансиски проблеми.

Во Европа опаѓа побарувачката за гас и нема потреба од потенцијалните 63 кубни метри годишно, што Јужен тек би ги овозможил. Гасоводот Северен тек кој овозможува само дел од овој капацитет, веќе трпи загуби.

Затоа, според Владимиров, Газпром е сконцентриран на нови пазари на исток.

– Ќе бидат потребни околу 100 милијарди долари во следните четири до пет години за да се развие гасоводот низ источен Сибир, кој треба да се протега се до Кина, вели тој.

Прекинувањето на изградбата на гасоводот „Јужен тек“ е голем удар за властите во Унгарија и Србија, кои се меѓу најсилните поддржувачи на проектот, заедно со Австриската компанија ОМВ и италијанската ЕНИ.

Во моментот кога Бугарија ги прекина активностите во Варна во Црно Море пристаништето каде што гасоводот треба да излезе на суво, проектот стана неодржлив.

Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сцијарто вели дека неговата земја ќе мора да најде алтернативни извори за гас, како резултат на одлуката на Путин, но за Украина оваа одлука беше големо олеснување:

– Одлуката за прекин на Јужен тек е направена поради економски причини, кои се задскриваат зад политичките објаснувања, изјави Андриј Тиурин од украинската компанија Енергоатом.

– Зошто да се трошат толку многу пари за создавање на алтернативни извори кои би снабдувале со истиот гас? Во време на намалување на производството и пад на цените, зошто да се трошат толку многу пари за проект што не и е потребен на Европа, прашува тој.

Од друга страна пак на маса на министерскиот состанок за енергетика кој ќе се одржи денеска во Брисел и на кој ќе учествуваат сите 28 земји членки, а меѓу другото, тема на разговор ќе биде и проектот „Јужен тек“, на кој Русија стави крај.

Инаку, состанокот доаѓа по изјавата на првиот човек на Европската комисија Жан Клод Јункер, според кого отворените правни прашања за „Јужен тек“ не се нерешливи. Русија нема да учествува на овој состанок. Како што изјави рускиот министер за енергетика Александар Новак Русија врши подготвителни активности за поништување на меѓувладините договори за „Јужен тек“.

Инаку, рускиот државен енергетски гигант „Газпром“ соопшти дека ќе основа нова компанија за изградба на гасоводот до Турција, неколку дена откако претседателот Владимир Путин го најави проектот. Портпаролот на Газпром, Сергеј Куприанов, вчера соопшти дека компанијата ќе биде регистрирана во Санкт Петерсбург и ќе се вика „Газпром Рускаја“.

Минатата недела Путин рече дека Русија се откажува од гасоводот „Јужен тек“ и наместо тоа ќе гради гасовод до Турција. Тој исто така рече дека Русија би можела да изгради центар за дистрибуција на природен гас на грчко-турската граница за снабдување на Европа со гас. Новиот гасовод под Црното море треба да има годишен капацитет од 63 милијарди кубни метри гас.

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов вчера изјави дека бугарската влада го нема променето ставот за изградбата на гасоводот „Јужен тек“.

– Ние ја поддржуваме имплементацијата на проектот за изградба на гасоводот „Јужен тек“ под услов тој да биде во согласност со европските прописи, рече Борисов и додаде дека по минатонеделната изјава на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на проектот, Бугарија сеуште нема добиено официјално соопштение од Русија.

Тој тогаш изрази надеж дека на енергетската конференција во Брисел Русија ќе ги отфрли техничките пречки за изградба на гасоводот.

Алтернативни извори на гас

Од друга страна пак, поголем број произведувачи на гас во Европа се надеваат дека прекинувањето на Јужен тек ќе го забрза развојот на заедничката енергетска политика на ЕУ.

Новиот гасовод кој ќе ги поврзува Унгарија и Словачка треба да биде пуштен во употреба во јануари, а работните активности ќе продолжат на сличен проект помеѓу Унгарија и Романија.

Изградбата на гасоводот за течен гас во Свинујсцие во Полска, Клаипеда во Литванија и Омисаљ во Хрватска исто така ќе придонесат за разновидноста на производството, каде веќе има договори за добивање на течен гас од Катар и Северна Африка, и со можност за увоз од САД во иднина.

Од 2019 та година се очекува гасот од Азербејџан да пристигне во Европа преку Транс – јадранскиот гасовод (ТАП).

tjg_1Овој гасовод се планира да се поврзува со Транс- анадолскиот гасовод кај Грчко – Турската граница и да поминува низ Северна Грција, Албанија и под Јадранското море, а во Италија да се поврзе со мрежата за природен гас.

Проектот во моментов е во фаза на имплементација и во моментов се подготвува изградбата која треба да почне во 2016 та година.

Инаку, кога ќе се изгради, Транс – Јадранскиот гасовод ќе обезбеди евтина транспортациона рута која ќе се приклучи на виталниот Јужен коридор за гас, долг 3 500 километри, кој се протега од Каспиското Море до Европа.

На гео-политичко ниво ТАП е во стратешко партнерство со ЕУ, а тоа се потврдува и со силната поддршка од Европската Комисија и од Европскиот Парламент. Според ЕУ, ова е проект од заеднички интерес.

tjg_2Инаку, трите земји низ кои ќе поминува гасоводот, Грција, Албанија и Италија веќе ја потврдија својата посветеност на проектот со потпишување на трилатерален меѓувладин договор во 2013 та година.

Хрватскиот оператор за гас Пинакро, компанијата за гас во БиХ, БХ-Гас, словенската Геоплин Плиноводи и министрите за енергетика на Албанија и Црна Гора соработуваат за поврзување на Транс-Јадранскиот со Јонско-Јадранскиот гасовод. Преку Јонско-Јадранскиот гасовод ќе се спроведе каспискиот гас до Албанија, Црна Гора, Јужна Хрватска и БиХ.

Покрај ова, во Бугарија во јануари беше потпишан договор за поврзување на ТЈГ со интерконекторот Грција – Бугарија. Преку овој интерконектор ќе се овозможи каспискиот гас да се спроведува во Бугарија, а понатаму и во останатите земји од  Југо-источна Европа.

Сепак, иако Европа останува зависна од рускиот гас на подолго време, без разлика на тоа колку повеќе ќе се заладат политичките односи, разновидноста на производството во различните земји дозволува да се преговара за пониски цени со Газпром.