Македонија

Посвоителите најчесто бараат да посвојат бебиња или деца на помала возраст

Посвоителите најчесто бараат да посвојат бебиња или деца на помала возраст

Голем број двојки кои не се во можност да имаат деца често се одлучуваат да посвојат дете. Сепак кога ќе се одлучат на овој чекор, тогаш најчесто бараат да посвојат дете на помала возраст: бебе или пак дете до предучилишна возраст.

Со измените на Законот за семејство дополнително беше скратен рокот за посвојување на дете, но сепак постојат баратели коишто чекаат подолг временски период. Според податоците добиени од надлежните служби во Министерството за труд и социјална политика во моментов во Република Македонија во регистарот на можни посвоители запишани се 297 посвоители, а во регистарот на можни посвоеници запишани се 90 деца. Тоа значи дека во моментов за три пати поголем е бројот на посвоители од оној на децата за посвојување.

Законот за семејството предвидува изборот на посвоител за конкретно дете да се прави по електронски пат.  Поблиските критериуми и начинот на избор на посвоител по електронски пат се утврдени во Правилникот за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоителот по електронски пат.

Според Правилникот можните посвоители се проверуваат врз основа на следниве критериуми и поени: здравствена состојба, психосоцијален статус, материјални услови, станбени услови, време на чекање, степен на образование, брачен статус и државјанство.

Максималниот број на поени кои можат да се добијат со исполнување на сите критериуми изнесува 100 поени.

Комисијата за засновање на посвојување од увидот во документите и од податоците кои се внесени во електронската програма, врши избор на најсоодветен посвоител од првите 3 можни посвоители од листата на електронската програма, за што донесува решение согласно со Законот.

Најчесто кога се бира можен посвоител предност им се дава на државјаните на Република Македонија, но доколку нема посвоител од државата, тогаш детето може да биде посвоено и од страна на странски државјани.

Согласно со Законот за семејството старосната разлика помеѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години.

Надлежните велат дека согласно ваквата законска одредба посвоителите често прифаќаат да посвојат и поголеми деца, но најчесто бараат тие да бидат до предучилишна возраст.

Се смета дека детето кога ќе се роди, неговиот ум е табула раса, односно дека има потенцијал за свесност, но дека навиките ги стекнува подоцна во семејството. Можеби ова е една од причините зошто посвоителите бараат детето да биде на помала возраст.

Исто така, не се ретки случаите кога при изборот на дете, покрај за возраста, одредени посвоители поставуваат критериуми во однос на националноста или полот на детето, што дополнително го продолжува периодот на чекање.