Поткупливоста на балканските елити

Познато е тврдењето дека она што не може да се купи со пари се купува со многу пари. Во минатата колумна напишав за стратегијата на САД, применувана од 1947 година до денес, за создавање на луѓе со консумативна психа, со едноставно мислење и дејствување.

Во 1992 година државниот секретар на САД, Џејмс Бејкер призна:

„Ние потрошивме повеќе од 30.000 милијарди долари за да победиме во Студената војна против Советскиот сојуз и неговите сателити, за да организираме духовно уништување“.

Кога целта е голема се користат секакви потфати. За да го дозволи обединувањето на Германија на Михаил Горбачов му е доделена Нобелова награда за мир, а Советскиот сојуз добива 12 милијарди германски марки. По тој повод во книгата „Тестамент. Протоколи од разговорите со Кол“ тогашниот канцелар Хелмут Кол вели:

„Ако Горбачов речеше – ќе ми дадете 100 милијарди за да ја добиете ГДР ние ќе му ги дадевме бараните 100 милијарди“.

Тие би дале и многу повеќе ако го земеме фактот дека тогашниот германски буџет бил 500 милијарди марки, а во периодот 1995-2000 година во источните провинции (поранешна ГДР) се инвестирани 1,6 трилиони евра. За споредба, на скорешното гласање во Советот за безбедност на манипулативната Предлог резолуција на Велика Британија за Сребреница, американскиот преставник во ООН му понудил на рускиот претставник „да му ја подари“ државата Грузија, ако Русија не стави вето на Резолуцијата. Се гледа дека за САД држави како Грузија се монети за поткусурување. Русија го одбила данајскиот дар на САД, но побитно е прашањето како една земја се претвара во „монета“.

Одговорот е едноставен – со поткупување на политичката елита. За војната во Чеченија 1994-2000 година беа одговорни поткупени од САД соработници на рускиот претседател Елцин, кои комуницираа со чеченските терористи. Најпознат од нив е Борис Березовски – заменик секретар на Советот за безбедност во однос на Чеченија. За дестабилизација на Кавказ, преку Саудиска Арабија, САД трошеа секоја година по 2 милијарди долари (потврдено и од претседателот на комисијата за одбрамбена политика во германскиот парламент Вимер). Во основата на Руско – Грузискиот конфликт во 2008 година беше организираниот од САД државен преврат во Грузија. По истиот терк почна и војната во Украина. Помошник државниот секретар на САД, Нуланд, призна дека за организираниот пуч се фрлени 5 милијарди долари.

Количината на парите за пропаганда и поткуп се во зависност од стратешката цел и поткупливоста на елитите. Практичната реализација на уништувањето на Југославија почна по средбата на Реган со Маргарет Тачер во 1984 година. Таа цел се остварува преку позајмување пари од Меѓународниот монетарен фонд, преку диверзиона дејност на територијата на Југославија и давање пари од САД, Германија, Ватикан за поткупување на политичарите. Освен надворешните дејствувања, српски и хрватски политичари меѓусебно тргуваат со оружје за време на војната 1991-1995 година, со цел лично богатење. Обичните Срби, Хрвати, Босанци станаа топовско месо на своите државни раководители. Случајот со Аркан кој во април 1991 година и продал 12 шлепери оружје на Хрватска, а таа ги платила со злато и сребро не е единствен.

Соседните земји на Југославија директно користат од нејзиниот распад – материјално преку ставеното ембарго и политички за остварување на своите државни цели. Поранешниот директор на бугарската безбедност, генерал Кирчо Киров, скоро призна дека бугарските служби имале улога во создавањето на ВМРО – ДПМНЕ на чело со нивните агенти Љупчо Георгиевски и Доста Димовска. Кампањата на ВМРО за првите парламентарни избори била платена од Бугарија. Во тој контекст е логично дека подоцна во владата на Георгиевски имало бугарски агенти. Логични се и дејствијата на таа влада во периодот 1999 – 2001 година, кои одат во прилог на целите на САД и албанските терористи за уништување на македонската држава.

По бомбардирањето на Србија од НАТО во 1999 година во октомври – декември 2000 година е остварен државен удар во Србија под маска на претседателски и парламентарни избори. За време на подготовка на изборите САД, Германија и други земји од НАТО ја финансираат опозицијата на Милошевиќ со 300 милиони долари. Денови пред изборите е формиран голем конвој со бродови на НАТО во Јадранското море, а во Бугарија се стационирани воени трупи. ЦИА готви напад од Бугарија врз Белград, ако Милошевиќ сепак ги добие изборите независно од пропагандата и уцените врз српскиот народ водени од десетици радио станици поставени околу Србија. Битно е да се потенцира дека Милошевиќ беше предаден на Трибуналот во Хаг точно на 28 јуни – српскиот национален празник, кога се одиграла Косовската битка на Косово. На тој начин новиот српски премиер Ѓинѓиќ го понижува не само Милошевиќ туку и српскиот народ. При тоа ја прекршува одлуката на Уставниот суд на Србија, да се одбие барањето на Трибуналот. За да го добие Милошевиќ западот му ветува на Ѓинѓиќ голема економска помош. Многу излажаа. За тоа на 29 јуни 2001 година тој изјави:

„Ме запрепастува таа фарса на западните земји во врска со ветената помош од 1,3 милијарди долари…Додека бев водач на опозицијата ЕУ ни вети 3 милијарди германски марки под услов да ја срушиме владата на Милошевиќ. Каде се сега тие пари?“. Тие пари никогаш не дојдоа во Србија, а самиот Ѓинѓиќ беше убиен на 13 март 2003 година. На тој начин заврши како останатите соработници на САД кои бараа да го добијат ветеното.

За капитулацијата на Македонија во војната против албанските терористи во 2001 година главна улога заедно со Љубчо Георгиевски имаше претседателот Трајковски. И нему слично на Ѓинѓиќ му ветувале некои работи но, резултатот беше едноставен – на 26 февруари 2004 година авионот со кој патуваше за БиХ на Меѓународна конференција, во Мостар беше срушен. На неговиот погреб САД пратија претставник со низок ранг – Антониј Принцип, секретар за прашања на ветерани при кабинетот на Буш.

Важна улога за рушење на владите во Југоисточна Европа и поткупување на политичките елити има Џорџ Сорос. За него Тодор Славков, внук на Тодор Живков, кој 35 години управуваше во Бугарија, вели дека уништил повеќе човечки животи од Хитлер. Во 1997 година Сорос ја симна владата на Жан Виденов и од создадената политичка криза доби 100 милиони долари печалба. За своето предавство тогашните лидери на симнатата од власт БСП беа почестени со по еден милион. Активна улога Сорос има и во украинскиот Мајдан и против владата на Груевски. По официјални факти само фондацијата „Отворено општество“ фрлила 98 милиони долари за антимакедонска пропаганда. Поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, призна дека нејзината држава потрошила 80 милиони евра за поткупување на македонски политичари и новинари. Видео снимка покажа како во 2011 годиан Љубе Бошковски договара 70.000 евра од грчки посредник за финансирање на својата изборна кампања. Бошковски беше осуден по две дела, само не и за шпионажа. А, тоа ги охрабрува сите кои работат за странските служби против македонската држава.

Затоа, ако не почнеме да ги чистиме странските шпиони и домашните предавници во Македонија џабе ќе биде се’ друго. И изборни победи, и странски инвестиции, и вработувања. За да постои една држава потребна е не само народна воља туку и институции – здрава безбедност, цврст судски систем, непоткупливи политичари. Фактите сведочат дека на Балканот политичарите чинат поефтино отколку во минатото. Затоа што тукашните држави веќе се марионети, а за марионета не се плаќа скапо.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.