Потона брод во Конго, десетина лица се исчезнати

Властите во Конго денеска соопштија дека десетици лица се водат за исчезнати и се стравува дека тие се загинати кога бродот со кој патувале потонал во реката Конго, јави МИА..

Официјален претставник на конгоанската покраина Ориентале, Ибер Молизо, изјави дека патниците спиеле кога се случил бродоломот, во близина на градот Ломболомбо.

Најмалку 100 патници ја преживеале несреќата, а потврдено е дека четири лица се загинати.

Молизо изјави дека немало список на патници на бродот, така што можно е никогаш да не се дознае колку луѓе загинале.

Сведоци, меѓутоа, изјавиле дека веруваат дека на бродот имало повеќе од 200 патници и големо количество различна стока.

Несреќата се случи на помалку од две недели откако најмалку 130 лица загинаа во бродоломот на езерото Тангањика, во покраината Катанга, на југот на земјата.