петок, 25 ноември 2016  |  Вести денес: 0

Потпишан договор за рестартирање на „Порцеланка“, 1.000 нови вработувања

porcelanka

Последни вести

Владата на Република Македонија и индиската групација БРГ денеска во Велес потпишаа договор за реализација на инвестиција во која ќе биде рестартирана поранешна „Порцеланка“.

Инвестицијата е вредна околу 31 милион евра, а планирани се илјада нови вработувања што ќе бидат реализирани низ повеќегодишен план.

На потпишувањето на договорот во Велес присуствуваше и премиерот Никола Груевски.

Тој истакна дека групацијата БРГ е една од најголемите и најбрзорастечки светски компании во производството на производи од челик и оти со влезот на оваа компанија во Македонија ќе се врати во живот „Порцеланка“.

– Новата фабрика ќе биде лоцирана во објектите на поранешна Порцеланка. Ова инвестиција е резултат на нашите заложби да вратиме во живот колку што можеме повеќе од фабриките кои згаснаа во времето на транзицијата. Тоа е исклучителен важен период од нашата историја која остави без работа илјадници граѓани ширум нашата држава и стави клуч на многу фабрики низ Македонија. Велес беше особено погоден во времето кога се затвораа фабриките, а една од нив беше и поранешната Порцеланка, истакна Груевски.

Тој посочи дека индиската компанија ја посетил во јануари минатата година за време на економското роуд шоу во Индија и оти тогаш, на средбата со претставници од компанијата, како што рече, им влеале доверба дека Македонија е вистинското место за нивната инвестиција.

– Следуваа долги преговори за многу детали бидејќи Порцеланка беше исклучително заплеткан случај. Сето тоа резултира со тоа што Порцеланка доби нов сопственик, многу силна моќна компанија која ќе инвестира и ќе ја врати во живот, ќе донесе нова опрема, нови машини, ново знаење и ќе вработи 1000 невработени луѓе од Велес и велешкиот регион, рече Груевски, додавајќи дека првиот контакт со компанијата го направил амбасадорот Тони Атанасовски кој бил економски промотор во Индија.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески нагласи дека за потпишувањето на договорот со индиската компанија заслужни се многу луѓе кои вложиле огромени напори и многу макотрпна работа.

– Нашето ветување беше дека ќе донесеме инвестиции во Велес кои ќе значат нови работни места и кои ќе го подобрат животот. Токму тоа денеска се случува, рече Ставрески, изразувајќи надеж дека по „Маккарт“ и индиската компанија БРГ ќе се зголемуваат инвестициите во Велес.

Министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумофф истакна дека е горд што оваа групација инвестира во Македонија и оти рестартирањето на Порцеланка со илјада нови вработувања ќе значи голем поттик за локалната економија, а ќе се стимулираат и индиректни вработувања на компании кои би соработувале со локалната компанија на БРГ во Велес.

Според него, Индијците ја оцениле Македонија како атрактивна локација од која ќе можат полесно да влезат со своите производи на европскиот пазар.

Директорот на локалната компанија „М Скуаре“, Бандари посочи дека одлуката за инвестирање во Македонија се должи на бизнис форумот и посетата на премиерот Груевски на Калкута на почетокот на минатата година.

– Нашата фабрика во Велес којашто се наоѓа во просториите на поранешна Порцеланка ќе го фокусира своето производство главно на производи од челик коишто ќе се продаваат на пазарите во Европа, Северна Африка и на Блискиот Исток. Ќе вложиме напори да постигнеме успех во нашата фабрика во Велес со што ќе го направиме повторно центар на квалитетни производи, рече Бандари.

Посочи дека локацијата била избрана најмногу поради инфраструктурата и понудената работна сила.

Групацијата БРГ во рестартираната поранешна фабрика „Порцеланка“ ќе изработува производи од челик и кујнски прибор од нерѓосувачки челик. Компанијата има шест фабрики со 13 илјади вработени и претставништва во повеќе светски метрополи. Годишниот обврт на компанијата изнесува 500 милиони евра.

Најчитани вести