Потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за одбрана и Факултетот за безбедност

Меморандум за соработка меѓу Министерството за одбрана и Факултетот за безбедност во Скопје денеска потпишаа министерката Радмила Шекеринска и деканот Никола Дујовски.

Министерката Шекеринска по потпишувањето на Меморандумот рече дека работат инклузивно и на вклучување на сите различни институции кои можат да бидат од полза на одбраната и даваат реална шанса на младите.

– Во мала држава најголемата работа е да водите сметка за своите ресурси. Најголемите ресурси во Македонија се луѓето, нивното знаење и нивните компетенции. Не може да очекуваме дека сето знаење е внатре во институциите и треба да најдеме начин за подобро искористување на капацитетите на академската заедница, изјави Шекеринска.

Посочи дека целта на Меморандумот е зголемување на тековната соработка и можност студентите од Факултетот за безбедност да се стекнат со практично знаење работејќи во Министерството.

Деканот Дујовски рече дека сите во Македонија треба да дадеме придонес за подобрување на безбедноста и добро е што Владата и Министерството го имаат предвид значењето на Факултетот.

Министерката Шекеринска пред студентите од Факултетот за безбедност ќе одржи академски час за иднината на трансатланските односи и кризата во меѓународната безбедносна архитектура.