Потпишан Протокол за заеднички процедури на преминот Табановце помеѓу македонската и српската царина

Протокол за спроведување на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за утврдување на граничните процедури за железничкиот граничен премин Табановце – Прешево потпишаа денеска  во Белград директорите на Царинските управи на Македонија и Србија, Наташа Радеска Крстевска и Милош Томиќ.

Како што е наведено во соопштението од Царинската управа на Македонија, Протоколот претставува продолжение на царинската соработка на ново поле на заедничко делување во спроведувањето на граничните процедури.

Оттаму потенцираат дека Протоколот претставува подготовка за операционализација на Спогодбата помеѓу Владите на Република Македонија и Република Србија за утврдување на граничните процедури за  железничкиот граничен премин Табановце-Прешево со која се предвидува заедничко вршење на царинските контроли на едно место од страна на двата органа истовремено, при единствено запирање на возовите за гранична контрола, со што се дава придонес кон забрзувањето на железничкиот сообраќај помеѓу двете држави, а воедно се обезбедува заштеда на средства за сите учесници  во овој вид на сообраќај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.