Потпишан договор за за превод на дела од македонски млади писатели на бугарски

Пред писатели, преведувачи, претставници на книгоиздателства и љубители на литературата, синоќа во Софија беа претставени млади македонски прозаисти. Извадоци од свои текстови читаа Јулијана Величковска, Фросина Пармаковска, Михајло Свидерски, Давор Стојановски, Петар Андоновски, Живко Грозданоски и Верче Карафилоска.
Бугарските книгоиздателства „Персеј” и „Изида” покажаа голем интерес поради што, во рамки на манифестацијата беа потпишани и шест нови договори за превод и изданија на дела од нашите млади писатели.
Претставувањето го организираше Културно-информативниот центар (КИЦ) од Скопје, а за македонските автори зборуваа Нове Цветаноски од книгоиздателството „Македоника литера” кој е иницијатор и носител на овој проект и Васко Шутаров од КИЦ.
Во текот на вчерашниот ден беше остварена и посета на Универзитетската библиотека на Софискиот универзитет каде нашите млади автори даруваа по еден примерок од своите дела. За денеска се најавени средби во Сојузот на бугарските писатели и средби со пертнери во подготовка за Саемот на книгата во Софија.