Пoтпишан договорот за изведба на системот за водоснабдување во општина Шуто Оризари

Во салата до Кабинетот на градоначалникот на Град Скопје,  договор за изведба на систем за водоснабдување во општина Шуто Оризари потпишаа Градот Скопје, ЈП„Водовод и канализација“, општината Шуто Оризари и компанијата изведувач Хидрострој ЈСЦ од Република Бугарија.

Од Град Скопје, договорот  го потпиша градоначалникот Коце Трајановски, од ЈП„ Водовод и канализација“, директорот Александар Атанасов, од Општината Шуто Оризари, градоначалникот Елвис Бајрам и од компанијата изведувач, извршниот директор на Хидрострој ЈСЦ, Николај Пашов.

-Изградба на водовод во Општина Шуто Оризари претставува заеднички проект на Град Скопје, Јавното претпријатие „Водовод и канализација” и Општина Шуто Оризари. Вкупна вредност на инвестицијата изнесува 182.367.800,96 денари со вклучен ДДВ. Во финансирањето на овој проект Градот Скопје ќе учествува со 43,7%,односно со 79,7 милиони денари, ЈП „Водовод и канализација-Скопје“, исто така, со 43,7%, односно 79,7 милиони,   додека Општина Шуто Оризари ќе учествува со 12,6 %, односно 22,9 милиони денари од потребните финансиски средства.  Градот Скопје финансиските средства ќе ги обезбеди по пат на долгорочен домашен под-заем во рамките на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународна банка за обнова и развој – Светска банка, исто така и   Општината Шуто Оризари ќе ги обезбеди финансиските средства по пат на долгорочен домашен под-заем  во рамките на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународна банка за обнова и развој – Светска банка. ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ ќе ги обезбеди финансиските средства од сопствени извори во рамки на инвестициската програма, за што Управниот одбор донесе одлука, а Советот на Град Скопје даде согласност, истакна по потпишувањето на Договорот градоначалникот Трајановски.

Информираше дека новопланираниот систем ќе опфати: изградба на резервоар од 4 350 кубни метри во близина на постојните резервоари, пумпна станица и цевковод со должина од 2,3 km и F=500mm. Изрази надеж дека со реализација на овој значаен проект ќе го решиме деценискиот проблем со водоснабдување на Општината Шуто Оризари.

Градоначалникот од Општината Шуто Оризари, Елвис Бајрам изрази голема благодарност до Градот Скопје, Министерството за финансии и ЈП„Водовод и канализација“ за поддршката на овој проект за изградба на водовод во општината кој ќе го  реши проблемот кој ги измачува повеќе од 20 години.

Директорот  на ЈП „Водовод и канализација“,  Александар Атанасов, истакна дека со задоволство учестуваат во овој проект  и се надева дека компанијата изведувач во планираниот рок ќе ја заврши изградбата на систем за водоснабдување во општина Шуто Оризари.

Со изградбата на новопланираниот систем  за водоснабдување  треба да се  решат сегашните проблеми на водоснабдување во населбите Шуто Оризари (сектор 32) и дел од Скопје Север (сектор 36).