Потпишан колективниот договор во МЖ Транспорт

Раководството на МЖ Транспорт денеска го потпиша колективниот договор со претставниците на независните синдикати во ова јавно претпријатие.

Колективниот договор, како што посочија раководството и синдикатите, ги содржи сите барања на вработените и е во согласност со Законот за работни односи и Општиот колективен договор за јавниот сектор.

– Се надевам дека со Колективниот договор ги решаваме сите проблеми од аспект на правата и барањата на вработените. Очекувам Колективниот договор да биде почеток на еден нов развој во работењето на Македонски железници, истакна по потпишувањето генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Никола Костов.

И синдикатите изразува задоволство од потпишувањето на договорот.

– Најдовме заеднички јазик заедно со раководството и се надевам дека како вработени ќе имаме поголеми бенефити. Во целост се исполнети нашите барања, рече Ѓоко Илиевски од Синдикатот на подружницата Влеча, Ѓоко Илиевски.

Со потпишувањето на Колективниот договор не се согласува само Независниот синдикат на машински персонал чии членови денеска протестираа пред претпријатието. Тие велат дека нивните барања не се исполнети. Бараат повисоки коефициенти за работа од оние што се предвидени во Колективниот договор.

На ова директорот Костов појасни дека нивните барања се апсурдни и се надвор од она што е предвидено во Општиот колективен договор за јавен сектор.

– Барањата на група машиновозачи која одбива да работи излегуваат од рамките на Законот за работни односи и од Општиот колективен договор за јавен сектор. Нивните барања за зголемување на коефициентите ги нема ниту во Законот за работни односи, ниту во Општиот колективен договор. Апсурдни се и барањата за споредување со војската и полицијата. Овие луѓе одбиваат да работат, а тоа е на директна штета не само на претпријатието, туку и на стопанството и целата држава, нагласи Костов.

Потенцираше дека платите се исплатуваат редовно и оти вкупните месечни приходи на еден машиновозач се 36 илјади денари. Најави санкции за оние ја бојкотираат работата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.