Потпишан меморандум за соработка помеѓу Општините Штип и Карбинци

Градоначалниците на Штип и Карбинци, Илчо Захариев и Зоран Минов во кабинетот на штипскиот градоначалник потпишаа меморандум за соработка. Меморандумот овозможува засилување на работата на Општина Карбинци преку привремени човечки ресурси кои би биле преземени од Општина Штип. Иако ќе работат во соседната општина, нив ќе ги плаќа Општина Штип.

Градоначалникот Захариев изјави дека Општината Штип ќе продолжи да и помага на Општината Карбинци за нејзино целосно и поуспешно функционирање.

„Штип, настојува и ќе продолжи да и помага на Карбинци и таа како општина да се развива. Затоа Штип ќе и помага на Карбицни пред се со стручен кадар. Засега еден стручен архитект работи и за Општината Карбинци,“ изјави Захариев.

Градоначалникот Зоран Минов истакна дека ова е голем ден, посебно за Општината Карбинци која и досега имала мошне плодна соработка со Штип .

„Благодарение токму на господинот Захариев, ние сме благодарни што луѓе од Општината Штип ни помагаат. Имаме подршка од областа на финансиите, образованието, практично во сите сегменти од животот на Карбинчани,“ подвлече Минов.

Градоначалникот Захариев потенцираше дека двете општини пред Владата на РМ се надполнуваат и заеднички настапуваат со што ги засилуваат позициите за остварување на одредени проекти.Таков е примерот со реконструирањето на мостот кај селото Балван, постои блиска соработка и за изградба на патишта за селотп Горно Трогерци каде во делот на Штип ќе се изградат велосипедски патеки покрај веќе изградените патишта за селата Сарчиево и Судик.

Захариев и Минов лобирале да се асфалтира патот од селата Аргулица до Борилчево во должина од 3,8 км , а потоа и кон другите села од левата страна на реката Брегалница се до Виница. Ќе се реконструира и патот од Штип до Карбинци па за кратко време паралелно на сегашниот магистрален пат Штип-Кочани ќе се игради нов асфалтиран пат од Штип до Виница што ќе ги поврзе сите села под Плачковица. На овој план двете општини успешно соработуваат и со соседната општина Чешиново-Облешево.