Потпишан план за соработка и олеснување на царинењето со Кина

Делегација на Царинската управа на Република Македонија,  предводена од директорот Наташа Радеска Крстевска, во период од 27 – 28 мај, годинава учествува на Форум на директорите на царинските управи насловен како „Економски појас на патот на свилата”, кој се одржува во Народна Република Кина.

Целта на форумот е поврзување и развој на царините. На форумот присутни се претставници од околу 60 земји учеснички, високи претставници на сите значајни европски и светски организации поврзани со царинското работење како и Генералниот секретар на Светската царинска организација, Кунио Микурија.

По потпишувањето на Рамковниот договор за соработка и олеснување на царинењето помеѓу царинските служби на Народна Република Кина, Македонија, Србија и Унгарија во декември минатата година и откако беа направени консултации помеѓу инволвираните страни на состанокот на работната група во Шангај на 30 март годинава, на 27.05.2015 година директорите на четирите царински администрации потпишаа План за соработка и олеснување на царинење за 2015-2016, согласно кој се воспоставуваат контакт точки и механизми  за соработка, олеснување и за сите други прашања што се однесуваат на спроведувањето на Рамковниот договор,  организирање на работилници, царински семинари и состаноци на работните групи.

За време на  денешната прва сесија од Форумот, директорот на Царинската управа на Република Македонија, Радеска – Крстевска имаше свое излагање на тема „Сегашна состојба на развој на македонската царина и идни предизвици“.

Се очекува форумот да поттикне натамошно поврзување и комуникација меѓу царините, што ќе резултира во олеснување на царинењето, одржување на  безбедноста, поддршка на меѓусебната соработка преку употреба на технолошки иновации, развој на капацитетите, промовирање на отвореност за соработка и унапредување на инвестициските можности.

Со цел успешна имплементација на иницијативата за идна соработка, се очекува  сите учесници да обезбедат поддршка за идните сесии на Форумот, семинари и други настани.