Потпреседателот на ФИФА “лапнал” 750.000 долари од донациите за Хаити

Џек Ворнер, потпретседателот на ФИФА, кој е еден од 14-те обвинети лица за корупција и перење пари од страна на американските власти е вмешан во уште еден бизарен скандал.

Како што јавува “Би-Би-Си”, американските власти го теретат Ворнер за кражба на 750.000 долари. Овие пари требале да бидат хуманитарна помош за настраданите од големиот земјотрес во Хаити во 2010 година, но наместо таму тие “легнале” на сметката на потпретседателот на ФИФА.

Од овој износ, 250.000 долари биле донација од Корејската фудбалска федерација, додека половина милион од самата ФИФА, а Ворнер овие средства ги користел за лична употреба.

Фудбалската федерација на Тринидат и Тобаго од каде потекнува Џек Ворнер долго време се обидува да укаже на фактот дека челникот на ФИФА проневерува пари, но никогаш досега немаше никаква тужба против него. Овој пат се чини дека Ворнер нема каде да бега и ќе се соочи со законот за сите нелегални работи кои ги направил изминативе години.