Потрагата по исчезнатата Дениза заврши

Големата потрага по исчезнатата Македонка Дениза Маркоска во морето, северно-источно од островот Крит, е завршена, но истрагата за нејзиното исчезнување сè уште е во тек, велат од грчката крајбрежна стража за Телеграф.мк

– Потрагата со бродови, патролни чамци и хеликоптер траеше четири дена, но по четвртиот ден повеќе не се трага по исчезнатата девојка специфично. Но при секојдневните редовни патроли сè уште проверуваме дали има некакви информации или трага од неа – вели за порталот Катерина Тенда, подофицер прва класа од грчката крајбрежна стража.

Таа додава дека сега за сега нема никакви нови информации за судбината на Дениза Маркоска од Прилеп.

Во меѓувреме, нејзиниот татко Кире Маркоски очајно се надева дека ќе дознае што се случило со неговата 23-годишна ќерка.

– Кога зборував на телефон со капетанот, тој ми потврди дека таа е исчезната, но дека до последен момент таа била весела, љубезна и со никој од екипажот не се имала замерено – вели Маркоски за Телеграф.

Кога последен пат семејството зборувало со Дениза, било осми септември, еден ден по нејзиниот роденден. Таа била среќна што од компанијата уште еднаш ѝ го продолжиле договорот за работа и дека најверојатно ќе оди на Карибите и ќе остане цела година.

– За нејзиниот роденден, на 7 септември, имале забава на бродот и останале до рано наутро. Кога ѝ честитавме роденден, беше сосема во ред и пресреќна. Потоа наеднаш ја снема без никаква трага, ноќта на 12 септември. Не се знае ниту дали паднала ниту дали го напуштила на каков било начин бродот бидејќи нема сигурносни камери – вели таткото.

Тој вели дека нема информации од истрагата за тоа што се случило ниту од грчките ниту од македонските власти. Му било пренесено дека грчката полиција спроведува истрага во која се земени изјави од сите 48 члена на екипажот, од кои скоро половината биле Македонци.

– Дознав дека се трагало по неа со чамци и со хеликоптер од медиумите, но безуспешно. Не знам до каде е сега истрагата. Не знам грчки и не можам да се разберам со тамошните власти – вели Маркоски.

Тој зборувал неколку пати со претставници на македонскиот конзулат во Солун, но оттаму му рекле дека за делот од Грција каде што се наоѓа Крит надлежноста била на Амбасадата во Атина.

Таткото Кире Маркоски се надева дека ќе добие повеќе информации и дека конечно ќе ја пронајде својата исчезната ќерка жива и здрава. Македонската полиција за овој случај го известила и Интерпол во Атина.