Свет

Потрагата по малезискиот „Боинг“ попречена од тропска бура

Потрагата по малезискиот „Боинг“ попречена од тропска бура

Тропска бура ја попречува потрагата по малезискиот патнички авион, што исчезна на 8 март со 239 патници и членови на екипажот на лет од Куала Лумпур до Пекинг.

Бурата „Џек“, проследена со поројни дождови и удари од гром, се движи низ јужниот дел на Индискиот Океан, вклучително и во реонот во кој се трага по авионот, на околу 1.750 километри западно од австралискиот град Перт.

Подводниот робот „Блуфин-21“ кој трага по остатоците на авионот на дното од Океанот е речиси при крај со својата мисија, но досега не пронајде ништо. Во изминативе две недели роботот изврши девет подводни мисии во реонот каде на почетокот на месецот беа регистрирани сигнали кои наликуваа на звуците што ги испуштаат авионските црни кутии.

Црните кутии имаат батерии кои можат да издржат околу еден месец, па се претпоставуваа дека тие веќе се испразнети и нема можност овие уреди да емитуваат нови сигнали.

„Блифин-21“ досега пребара околу две третини од реонот и се очекува да ја заврши својата мисија до крајот на неделава.

Покрај роботот во потрагата се вклучени и 10 авиони и 11 бродови.