Потребата од носење на законот за јазиците ќе се гласа во Собранието

Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да гласа за потребата од носење на Предлог – законот за употреба на јазиците, по што тој ќе влезе во втора фаза и пратениците ќе можат да поднесуваат амандмани по текстот.

Владејачкото мнозинство вчера порача дека Македонија навлегува во фаза на градење доверба меѓу заедниците.

Сакаме подобар систем, подобри закони, подобар живот за сите. Да испратиме порака дека Собранието ќе им ги гарантира сите права на граѓаните, независно од кој етникум доаѓаат и на кој јазик зборуваат, истакнаа пратениците од владејачкото мнозинство за време на расправата.

Се очекува, според најавите, опозицијата да не гласа за предлог-текстот во прво читање и, како што изјави вчера на пленарната седница Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, да поднесе повеќе амандмани со кои од законот ќе се тргнат одредбите кои се надвор од Уставот. Опозицијата смета дека законот е неуставен, дека нема да биде применлив и дека ќе резултира со дополнителни фрустрации кај граѓаните.

Амандманите за Предлог-законот ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања, бидејќи законот е со европско знаменце. Потоа законот во второ читање ќе оди повторно на пленарна седница на дебата и финално изјаснување на пратениците по текстот.