Потресно сведоштво на мигрантите заробени на море: Се убивавме меѓу себе за последната храна

Околу 700 мигранти беа заробени на море цели четири месеци пред да стасаат до крајбрежјето на Индонезија. Многумина оваа појава ја нарекоа „пинг – понг со луѓе“ поради тоа што Индонезиските и Маезиските власти одбиваа да ги прифатат овие мигранти и ги протерувале надвор од нивните води.

Она што го преживеале овие луѓе заробени на брод на отворено море е вистински хорор. Биле приморани да бесат свои сопатници, да ги бодат со нож или дел од нив да фрлаат во море за да успејат да добијат дел од преостанатата храна. Ова се сведоштвата на дел од оние што конечно успеаја да стигнат на копно, а кои ги пренесува британскиот весник „Телеграф“.

Преживеаните од бродот што минатата недела стаса на крајбрежјето на Индонезија даваат потресни сведоштва за бруталните судири околу недостатокот на храна.

Иако не се знаат точните бројки, но некои велат дека седум, а некои други дека 100 лица загинале во борбите, кои воглавно биле базирани и на етничко нетрпение помеѓу мигрантите кои биле од Бурма и Бангладеш.

Махмуд Рафик (21) од Бурма за британски Телеграф ги обвини Бенгалите, за кои вели дека одбиле да ја дадат преостанатата храна на жените и децата.

– Тогаш почнаа да не удираат и ја земаа храната. Голем дел од нас ги фрлаа во море. Не тепаа и не напаѓаа со ножеви. Јас бев удрен со дрвена штица во главата и во нозете, вели тој.

migranti

Бенгалите пак ги обвинуваат Бурманците, за кои тврдат дека им ја земале храната и дека ги измачувале секојдневно.

Насилството се случило на брод во кој се превезувале околу 700 патници кои првично биле избркани од индонезиските води, а потоа и од малезиските води.

На крај мигрантите биле спасени од локални риболовци во Индонезиски води.

– Тие беа на море неколку месеци, без храна, без чиста вода, без кревет, поради што се дехидрирани и трауматизирани, изјави докторот Икбал Фориза.

Големиот број жртви се јавуваат како последица на тоа што земјите во регионот ги протеруваат мигрантите. Обединетите Нации веќе побараа југо-источните Азиски земји да прифатат илјадници мигранти од Бурма и Бангладеш за кои се верува дека се заробени на бродови.

фото: Telegraph.co.uk