Потврдена смртната казна на поранешниот египетски претседател Мохамед Морси

Судот во Каиро денеска ја потврди смртната пресуда за поранешниот египтески претседател Мохамед Морси, обвинет за масовното бегство од затвор, во 2011 година.

Пресудата беше донесена минатиот месец, но мораше да потврдена од Големиот Муфтија на Египет, највисокиот верски лидер во земјата, од кого беше побарано мислење за решението на судот.
Морси е обвинет за пет различни кривични дела. За едно од нив веќе ја издржува казната затвoр од 20 години, а денеска беше осуден и на доживотен затвор за шпионажа во корист на екстремистичката, палестинска организација Хамас која ја има власта во Појасот Газа, за која се знае дека е во врска со Хезболх во Либан и со Иран, пренесува МИА.
Приврзениците на Морси, од сега забранетото Муслиманско Братство, ги оквалификуваа сите обвинувања против сменетиот претседател, како „обична фарса“.
Во јануари 2011 година, Морси побегна од затворот Вади Натроун, што египетските власти сега го оквалификуваат како таен заговор, што тој го направил со странски милитанти, за насилно ослободување на сите исламисти од затворите низ земјата.
Масовните антивладини протести на каирскиот плоштат Тахрир, во пролета таа година, во кои набргу главната улога ја презедоа исламистите и припадниците на  Муслиманското братство, предизвикаа соборување на 30 годишната власт на претседателот Хосни Мубарак.
Во 2012 година, Морси беше избран за првиот претседател- исламист во дотогаш секуларниот Египет.
Во јули 2013 година, тој беше тргнат од власта во еден „бескрвен пуч“ на египетската армија, откако неколку месеци траеја протестите на секуларистите и либеланите групи во Каиро и низ земјата, против политиката на исламизација што ја наметнаа Морси и Муслиманското братство, кое доминираше во тогашната нова власт.