Потврдено: Остатоците најдени во Мозамбик се од исчезнатиот малезиски авион

Австралиската влада вели дека анализата на две парчиња остатоци покажала дека истите најверојатно потекнуваат од исчезнатиот малезиски авион, со што се подгреваат надежите дека леталото ќе биде најдено наскоро, пренесува „Гардијан“.

Дарен Честер, министерот за инфраструктура и транспорт, денес изјави дека според анализата две парчиња остатоци, најдени во два одделни случаи во Мозамбик, најверојатно се од исчезнатиот малезиски авион.

Остатоците беа однесени во Канбера на 20-ти март за понатамошна истрага од страна на австралиските и малезиските власти. А на анализата работеа и специјалисти од Боинг, Геосенсе Австралија и од Австралискиот Национален Универзитет.

Според истрагата, остатоците најверојатно потекнуваат од авионот Боинг 777, на Малезија Ерлајнс.

Претходно, беше најден дел од крилото на авионот на остраовот Реунион и беше потврдено дека тој потекнува од истиот авион.

Во меѓувреме продолжува потрагата по исчезнатиот авион. Останаа уште 25.000 квадратни километри да бидат истражени во Индискиот Океан.