Повеќе илјади Израелци протестираа за мировното решение со две држави

Повеќе илјади Израелци се собраа во саботата вечерта во Тел Авив за да го поддржат решението според моделот со две држави за двата народа.

Собирот го организираше групата „Мир сега“, израелска невладина организација којашто се противи на политиката на населување на окупираните палестински територии, а нејзиниот водач Ави Бусикила изјави дека целта е да се протестира против „недостигот од надеж кој ни го нуди владата која продолжува со окупацијата, насилството и расизмот“.

На собирот беше прочитана и пораката на претседателот на палестинската Национална самоуправа, Махмуд Абас во која се истакнува дека „нема посилен глас од гласот на праведниот и сеопфатен мир, како што нема посилен глас за правото на народот на самоопределување и ослободување од товарот на окупацијата“.

„Дојде времето ние и вие да живееме во мир, хармонија, сигурност и стабилност. Единствениот начин да се заврши судирот и да се бори против теророт во регионот и во целиот свет е решението со две држави, коешто почива на границта од 1967 година, Палестина покрај Израел“, порача Абас.

Лидерот на опозицијата од Лабуристичката партија, Исак Херцог, исто така, присуствуваше на собирот и го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека минатата година ја испуштил можноста за напредок во мировните преговори.

„Раководството во Израел денес е водено, во прв ред, и најмногу со страв“, рече Херцог, додавајќи дека тоа е стравот од промените, стравот од иницијативите и стравот на надеждта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.