Повеќе компании влегуваат во заеднички нов проект за развој на автономни возила

Компанијата „Continental“ објави во вторникот дека ќе ѝ се приклучи на самовозечката платформа којашто ја развиваат BMW, „Intel“ и „Mobileyе“, а германскиот производител на автомобилски делови и гуми ќе работи на интеграцијата на компонентите и софтверот.

Трошоците за интеграцијата на хардверот, софтверот и податоците, како и забрзаното темпо на развој на самовозечките возила поттикнаа сѐ поголем број сојузништва меѓу производителите на автомобили и добавувачите.

Компанијата „Continental“, вториот најголем светски производител на делови за автомобилската индустрија, порача дека ќе игра клучна улога во комерцијализацијата на новата платформа, којашто ќе им биде продадена на другите производители на автомобили.

„Можеме да се носиме со зголемените барања во областа на автономното возење низ широката соработка на ниво на индустријата многу посеопфатно, побрзо и со пониски трошоци отколку самит да влегуваме во проекти“, изјави извршниот директор на „Continental“, Елмар Дегенхарт во писмената изјавата за медиумите.

Германскиот автомобилски гигант BMW уште минатата година ги здружи силите со американската софтверска компанија „Intel“ и со израелската компанија „Mobileye“, специјализирана за подобрување на безбедноста на пат и избегнување на несреќи.

Покренување на производството се планира до 2021 година, а американскиот производител на автомобилски делови „Delphi Automotive“, исто така, се придружува на заедничкиот проект.

Германскиот производител на луксузни автомобили „Daimler“ покрена сличен заеднички проект со германската компанија за производство на автомобилски делови „Robert Bosch“, а со цел да се забрза производството на автономно возила.