Повеќе од 100 жртви на македонските патишта, брзината најчест виновник

Повеќе од 100 лица загинале досега оваа година во тешки сообраќајни несреќи на македонските патишта. Статистиката на Министерството за внатрешни работи говори дека во првите шест месеци се случиле 98 сообраќајни несреќи со жртви.Во споредба со истиот период лани сообраќајните кобни по човечкиот живот се зголемиле за 5,4 отсто.

Експертите велат брзината на возењето, особено од возачите почетници, е најчеста причина за бројноста на несреќи со човечки жртви и тешко повредени, но ризик фактор се и неупотребата на безбедносен појас, возењето под дејство на алкохол и неодговорното возење.

Според Бенасер Булажул, претседател на Меѓународната безбедност на патиштата, кој денеска говореше на првата меѓународна конференција посветена на безбедноста на сообраќајот на патиштата којашто се одржува во Скопје, 90 отсто од сообраќајните несреќи се случуваат во неразвиените земји.

„За да се намали процентот на жртв во сообраќајките потребно е безбедноста во сообраќајот да биде интегриран дел од сите други политики и да се постават амбициозни цели за безбедноста во сообраќајот од страна на институциите“, вели Булажул.

Претседателот Ѓорѓе Иванов, кој покровител на конференцијата, вели безбедноста во сообраќајот зависи од триаголникот од правото, одговорноста и почитувањето.

„Целта е да не се плашиме кога нашите деца одат на училиште, кога нашите млади се враќаат од забави, кога нашите блиски патуваат. Целта е нашите возачи да не бидат закана за сопствениот и за животите на другите луѓе. Целта е да престане да се лее човечка крв по нашите балкански патишта“, рече претседателот Иванов.

soobrakjajka-kumanovo

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Оливер Андонов најави зголемување на капацитетите на полицијата за контрола на сообраќајот, а со тоа и придонесување кон поголема безбедност на патиштата.

„Иако ни се забележува на ригорозноста, ние сепак сме одлучни во нашиот пристап за подигање на безбедноста во сообраќајот на едно високо ниво и притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за несиправните возила по коловозите, за непочитување на прецизните сообраќајни правила и прописи. Таквиот пристап спасува од ненадоместливи трагедии и големи материјални штети“, вели Андонов.

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Стојче Стаменковски истакна дека потребата од регионална дискусија за регионални иницијативи и потреба од изнаоѓање на унфицирано решение е главната причина поради која се организира Конференцијата.

 

policija-1

„Оваа Конференција претставува одлична можност заеднички да продолжиме да го градиме системот за управување со безбедност на сообраќајот на патиштата во Југоисточна Европа. Загубените човечки животи, бројните семејни трагедии и човечките судбини кои секојдневно се испишуваат на патиштата во земјите од регионот и пошироко, се поразителен факт кој треба да нè загрижува сите. Затоа, очекувам на Конференцијата, сите поединечно да ги изнесат своите погледи и ставови, за тоа, што е направено и што треба да се направи во наредниот период, од аспект на секоја одделна институција и организација и од аспект на секоја земја поединечно, а во поглед на политичките, безбедносните, правните, организационите, техничките, научните, социолошките и другите елементи кои влијаат врз безбедноста на сообраќајот на патиштата“, истакна Стаменковски.

Според податоците од полицијата, годинава има големо зголемување и на сообраќајните несреќи при коишто возачите или патниците се здобиле со тешки телесни повреди. Во текот на оваа година во периодот од јануари до јуни во сообраќајќи се повредени 404 лица, додека лани во истиот период оваа бројка изнесувала 335 лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.