Повеќе од 40 типови стипендии достапни за македонските студенти и ученици

стипендии

Согласно политиката на Владата и МОН, за континуирана финансиска поддршка на студентите, на располагање им се повеќе видови на стипендии, меѓу кои се и целосните стипендии за изучување на старотурски јазик со кои по завршувањето на студиите е загарантирано работно место, стипендии за студенти од социјални категории, за студенти запишани на информатичките, техничките и природни науки, стипендии за телентирани студенти, стипендии за студенти од ромска националност, стипендии за студирање на Филмската академија во Охрид, како и стипендии за престој во странство и посетување на најразлични летни школи во високопозиционирани образовни центри надвор од Република Македонија.

Особено внимание кај младите во изминатиот период предизвикаа стипендиите наменети за студии по хемија, физика и математика, за кои што заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски минатата недела информираше дека 95 студенти ќе добиваат по 18.000 денари во текот на девет месеци во годината.

-Најголем дел од стипендиите, односно 38 се доделени на студенти кои се запишани на студиски програми по математика, 29 на студенти запишани на студиски програми по хемија и 28 стипендии се доделени на студенти запишани на студиски програми од областа на физиката. Сите овие студенти ќе добиваат по 18.000 денари месечно, за што Министерството за образование и наука има издвоено речеси 15,4 милиони денари, истакна Ристовски, додавајќи дека на овој начин се стимулира креирањето на дефицитарни кадри.

Како уникатни и единствени во регионот се стипендиите за студирање на најдобрите 100 универзитети во светот, согласно ранг листата на Центарот за светска класа на универзитети при Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет – можност која досега ја искористиле над 200 македонски граѓани.

Поддршката за средношколците пак, се обезбедува преку стипендии за талентирани ученици, стипендии за ученици од социјални категории, стипендии за ученици-спортисти, како и специјализирани стипендии за ученици запишани на Спортската академија, стипендии за ученици кои реализираат наставни програми од угостителско – туристичката струка, стипендии за ученици од ромска националност, стипендии за ученици со посебни потреби и ученици –деца без родители и други.

За сите можности за стипендирање на образованието, учениците и студентите навремено можат да се информираат преку специјализирана страница на Министерството за образование и наука – stipendii.mon.gov.mk,  каде веќе неколку години по ред, редовно се објавуваат конкурси во кои се наведени начините, роковите и условите за аплицирање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.