Македонија

Повеќе од една милијарда евра субвенции за земјоделците

Повеќе од една милијарда евра субвенции за земјоделците

Земјоделците добија повеќе од една милијарда евра субвенции. Над една милијарда и 55 милиони евра се легнати на сметките на земјоделците. Во отчетот пред граѓаните беше потенцирано дека тоа придонело за драстичен раст на производството на храна во државава.

Како што беше потенцирано, благодарение на поддршката за земјоделците, двојно се зголемил и извозот на овошје и зеленчук како и на вино и тутун.

Во 2015 година извозот на земјоделското производство изнесува 487 милиони евра додека во 2006 беше 318 милиони евра. Извозот на храна е двојно зголемен меѓу 2006 и 2015 година, зголемен е и извозот на вино и извозот на тутун. Извозот на сите земјоделски производи расте во овие години и има позитивен ефект врз трговскиот биланс, посочи вицепремиерот Ставрески.

Костадиновски: 2016-та ќе биде година на водостопанството

Заменик министерот за земјоделство Костадиновски истакна дека годинава ќе биде одбележана со огромен број капитални инвестиции во водостопанството.

Најважно што сакам да истакнам е дека 2016-та година дефинитивно ќе биде година на капитални инвестиции во водостопанството бидејќи ќе почне градбата на браната „Речани“ на Оризарска река во вкупна вредност од 40 милиони евра. Ќе се гради и браната „Конско“ во Гевгелија, а треба да се реализира и системот за наводнување во полошко поле во вкупна вредност од околу 10 милиони евра, рече Костадиновски.

Поддршка и за младите фармери

За младите фармери пак одвоени биле на 90 милиони денари или секој што ги исполнувал условите во апликацијата добил и до 600 илјади денари помош за развој на сопствениот агробизнис.

Огромен интерес има од страна на младите земјоделци за добивање на овој вид на поддршка. Оваа мерка ја спроведуваме од 2012 година. Досега заклучно со 2015 година имаме склучено 168 договори во вкупна вредност од 90.450.000 денари. Околу 150 договори се веќе реализирани и исплатени, а останатите се во фаза на реализација. Тоа што е интересно е да се каже дека и во 2016 година имаме огромен интерес за оваа мерка, истакна директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Билјана Вуковиќ.

Дозволена е и легализација на старата механизација која сега ќе се регистрира на секои 6 години.