Повеќе од половината од човековото тело не е човечка

Човековите клетки сочинуваат само 43 отсто од вкупниот број клетки во човековиот организам, а остатокот се микроскопски колонизатори, велат научниците.

Разбирањето на нашата сокриена половина, нашиот микробиом, е клучно за разбирањето на низа болести, од алергиите до Паркинсоновата болест.

„Тие се неопходен дел од нашето здравје. Вашето тело не го сочинувате само вие“, вели професорката Рут Леј, директорка на одделот за микробиотските науки на Институтот Макс Планк.

Без оглед на тоа колку темелно се капете, секое делче, секоја напукнатина на вашето тело е прекриена со микроскопски суштества. Тоа ги вклучува бактериите, вирусите, гливичките и археите (организмите кои некогаш погрешно беа вбројувани во бактериите).

Најголемата концентрација на нашиот микроскопски живот е во мрачните длабочини на нашите црева, во коишто има недостиг од кислород.

„Ние сме повеќе микроби отколку луѓе“, вели за BBC професорот Рон Најт од универизитетот во Сан Диего.

Процените за тоа колкав е уделот на микробите во нашиот организам се менувале со времето. „Денес е проценето дека тоа изнесува околу еден наспроти еден односно дека човечки клетки има околу 43 отсто во вкупниот број“, додава Најт.

Меѓутоа, научниците велат дека генетски сме поптполно инфериорни. Човечкиот геном е составен од околу 20.000 гени. Но доколку на тоа се придодадат гените од нашиот микробионски свет, таа бројка се зголемува на меѓу два и дваесет милиони микробиомски гени.

„Она што нé чини луѓе, според моето мислење, е комбинацијата од нашата ДНК плус ДНК-та на нашите микроби“, изјави за BBC микробиологот Саркис Мазманиан од Калифорнискиот технолошки институт (Caltech).

Би било наивно да се мисли дека луѓето носат толку микробиомски материјал без никакви интеракции или влијание врз нивното здравје. Науката забрзано открива во која мера тие имаат улога во нашите имунолошки и системот за варење на храната, заштитата од заболувања и производството на витамини.

Тоа е нов начин на размислување за човековиот микроибиомски свет. До неодамна нашиот однос со микробите главно се сведуваше на војување. Антибиотиците и вакцините се човековото оружје против она што ги предизвикува сипаниците, микробактериската туберколоза или против отпорните стафилококи. Тоа спаси досега голем број животи.

Меѓутоа, научниците се загрижени за тоа каква штета предизвикал човечкиот напад против „лошите“ врз „добрите“ бактерии.

„Во последните педесет години остваривме одлична работа во елиминирањето на заразните болести. Но затоа сме сведоци на големото зголемување на автоимуните болести и алергии. Тоа е последица од успехот во борбата со патогените, придонесовме за развојот на нов сет болести со коишто сега мораме да се справуваме“, вели професорката Леј.

Микробиомите, меѓу другото, се поврзуваат и со воспалителните болести на цревата, со Паркинсоновата болест, можеби дури и со депресијата и со аутизмот.

Научниците сега работата на тоа микробите да ги претворат во нова форма на лекови. Професорот Тревор Левли од британскиот Институт за геномика и генетика е еден од оние коишто се обидуваат да одгледаат микробоим на здрави луѓе и да го користат за лекување на пациентите.

„Има сé повеќе докази дека ’поправувањето’ на нечиј микробиом може да доведе до ремисија во болестите, како што е на пример улцерозниот колитис“, вели професорот.

Микробиомската медицина е во својот развој во моментов, но научниците мислат дека надгледувањето на човековиот микробиом наскоро ќе стане секојдневна практика која може да обезбеди златен рудник за информации за нашето здравје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.