Намалени трошоци и зголемен број на студенти преку низата владини мерки за млади

За речиси еден отсто е зголемен бројот на запишани студенти во академската 2015/2016 година во однос на претходната 2014/2015 година, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика, објавени во јули годинава, а според кои во последната академска година запишани се вкупно 59.865 студенти.

Претходната академска година, пак, бројот на запишани студенти изнесувал 59.359, што претставува пораст за 2,8 отсто во однос на академската 2013/2014 година, кога во високообразовните установи се запишале вкупно 56. 906 студенти, покажуваат податоците од ДЗС.

Студентите велат дека условите за студирање во државата постојано се подобруваат. Оние кои веќе се при крај со студиите и кои можат да ги почувствуваат разликите сметаат дека во последните три години значително е подобрен квалитетот на живот на студентите, тргнувајќи од сместувањето во студентските домови, преку зголемувањето на можности за стипендирање, па се до бесплатниот железнички превоз.

„Условите за студентите се подигнати на повисоко ниво и наликуваат како на оние кои ги имаат студентите во државите на ЕУ. Во реновираниот блок во студентскиот „Гоце Делчев“ целосно се обновени собите, има нови тоалети, туш кабини, нов инвентар и мислам дека доколку продолжи реконструкцијата ќе се задоволат потребите на секој иден академски граѓанин во државата“, смета студентка која студира на Правниот факултет во Скопје, која како што додава, немала среќа да биде сместена во реновираниот блок од студентскиот дом „Гоце Делчев“,  туку дека моментално е сместена во блокот „В“, кој исто така наскоро ќе започне да се реконструира.

За разлика од неа, студент од Крива Паланка, пак, од оваа академска година е сместен токму во реновираниот блок  „Б“ во истиот студентскиот дом  и вели дека условите за студентски живот се максимално подобрени.

„Јас најмногу сум задоволен што за првпат ќе имаме библиотека во нашата читална. Има и безжични рутери коишто ќе ни овозможат да истражуваме и полесно да научиме и да ги положиме испитите“, вели тој.

Заштедите на студентите од низата проекти кои Владата ги спроведува во изминатите години се значителни, смета претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски. Како што вели тој само со воведувањето на бесплатен јавен превоз за сите редовни студенти на државните универзитети, еден студент на годишно ниво заштедува околу 12.000 денари.

„Преку проектот бесплатен железнички сообраќај, пак, од јули 2014 до јули 2016 година, превезени се вкупно 83.874 млади лица и заштедени 29.139.808 денари“, вели Нелоски.

Тој потенцира дека од 2006 година до сега минимум двократно се намалени трошоците на студентите во земјава

„Нормално дека големиот број позитивни мерки коишто се воведени во последните неколку години влијаат врз зголемувањето на бројот на студентите. Целта на мерките е на сите млади без разлика на нивниот социјален статус да им се овозможи да се образуваат, во таа насока е воведувањето и на бесплатното средно образование и секако продолжување на образовниот процес на некоја од високообразовните установи во државата, каде партиципацијата за студирање е намалена на 200, односно 400 евра. Целта секако е финансискиот статус да не биде проблем за продолжување на образованието. Освен намалувањето на партиципацијата, отворени се и 25 нови факултети и голем број дисперзирани студии, како и низа мерки со кои им носат значителни заштеди на студентите, како што се бесплатен јавен превоз и бесплатен железнички викенд за млади  секоја прва и трета недела од месецот. Преку вакви и слични проекти од 2006 година до денес повеќекратно се намалени трошоците на студентите“, посочи претседателот на УМС, Владимир Нелоски во изјава за Нет Прес.

Тој на денешната прес-конференција изјави дека дополнително се планира и изградба на три нови студентски домови, како и дека е реконструирана и библиотеката „Браќа Миладиновци“, а посочи дека се подготвува и реновирање на НУБ „Свети Климент“, како и дека ќе се прават читални во Прилеп, Струга, Гевгелија, Струмица, Аеродром, Велес и уште една мултифункционална читална во Скопје.

„Во време на СДСМ кога државата ја водеа постарите партиски колеги на Богоев, студентите имаа само неколку стипендии кои редовно ги добиваа децата на црвената буржоазија на СДСМ. Денес студентите имаат можност да искористат над 40 различни видови стипендии, а воведена е и една од најважните стипендии за упис на еден од 100-те светски најдобри универзитети, што уште еднаш ја покажува грижата на ВМРО-ДПМНЕ за образованието на младите“, рече Нелоски на прес-конференцијата, како реакција на изјавата на претседателот на СДММ, Стефан Богоев, кој на прес-конференција посочи дека студентите и оваа академската година ја започнуваат со трошоци кои се поголеми од она што може да си го дозволат просечните македонски семејствата.

Според Богоев, минималната месечна плата во Република Македонија изнесува 10.080 денари, а минималните трошоци за живеење и студирање на студент сместен во студентски дом изнесуваат 10.277 денари, а студентите, како што рече се сместени во студентски домови кои се руинирани и учат во разурнати библиотеки.

Партиципацијата, како што посочи Нелоски, за разлика од времето на СДСМ, е намалена тројно, а истата како што додаде, идната година дополнително ќе биде намалена за 50 отсто.

„Да потсетиме дека во време на СДСМ кога државата ја водеа постарите партиски колеги на Богоев, студентите имаа само неколку стипендии кои редовно ги добиваа децата на црвената боржуазија на СДСМ. Денеска студентите имаат можност да искористат над 40 различни видови стипендии, а воведена е и една од најважните стипендии за упис на еден од 100-те светски најдобри универзитети, што уште еднаш ја покажува грижата на ВМРО-ДПМНЕ за образованието на младите. Намалена е партиципацијата за студентите. Некогаш студирањето беше привилегија за децата на олигарсите и членовите на СДСМ, денеска е реалност за сите. Од 800 до 1200 евра колку што беше во времето на СДСМ сега студентите плаќаат за партиципација 200 до 400 евра. Дополнително од 2017-та ќе се намали за 50% партиципацијата за студенти од самохрани и еднородителски семејства, а од академската 2017/2018 ќе се стимулира уписот на техничките факултети. Овозможен е бесплатен превоз за студентите каде што има јавни претпријатија за превоз, а воведен е и бесплатен железнички превоз секој прв и трет викенд во месецот, а ја искористиле 83.874 студенти и им се заштедени милиони денари, изјави Нелоски, кој на денешната прес конференција посочи и дека наместо  да пресметува весела математика која ни тој самиот не ја разбира, Стефан Богоев треба да им погледне на фактите кои Нелоски ги изнесе дененска во очи, и се поразителни, како што рече не само за Стефан Богоев, туку и за целото СДСМ.