Повеќе културни настани во рамките на „Топол културен бран“

Во рамките на манифестацијата „Топол културен бран”, која со поддршка на Министерството за култура веќе седум години се одржува во општини низ земјава, во наредните неколку дена ќе бидат реализирани повеќе културни настани.

На 25.7.2014, со почеток во 21 часот, пред Народниот музеј во општина Кратово концерт ќе одржи македонскиот состав „Чалгија саунд систем“, кој ќе изведе познати чалгиски песни од богатата македонска изворна традиција. Истиот ден граѓаните на општина Ресен ќе имаат можност да уживаат во звуците на групата „Синтезис“, веќе етаблирана како амбасадор на македонската култура во светот. Концертот ќе се одржи во 21.30 часот на градскиот плоштад во Ресен.

Во Крушево, градот на културата за оваа година, на градскиот плоштад, на 25 јули, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена манифестацијата „Етно град“ со настап на составот „Македонска душа“.

На 26.7.2014, со почеток во 13 часот, во Библиотеката „Искра“ во општина Кочани ќе биде отворена изложба на фотографии наградени на престижниот меѓународен конкурс за фотографии од областа на културното наследство. Истиот ден во 21 часот Тамара Тодевска ќе ја забавува публиката на градскиот плоштад во Берово, а во Дојран, посетителите на ова значајно туристичко место ќе ги проследат содржините на „Д-фестивалот“ кој веќе неколку години се одржува на паркингот „Гранит“ во Стар Дојран

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.