Повеќе од 150 лица прогласени за кодоши од 2009 година

За четири месеци Комисијата за верификација на фактите проверила 220 досиеја во Државниот архив на Македонија, а во периодот од 31 јули лани до 31 јануари оваа година, лустрирани се 25 соработници со тајните служби и наредбодатели, пренесува МИА.

Во истиот период членовите на вториот мандатен состав на Комисијата за верификација на фактите изработиле 65 извештаи за утврдување на факти за лица кандидати за носители на јавни функции или јавни овластувања и поранешни или сегашни носители на јавни функции или вршители на јавна дејност или јавни овластувања.

– Во тој период 25 лица се прогласени за соработници со службите од кои 12 лица се починати, а 13 се живи. Инаку, од 2009 година досега за соработници и наредбодатели се прогласени над 150 лица, а проверени се 30.935 лица, посочи членот на Комисијата за верификација на фактите Предраг Димитровски.

Еден од тие 25-мина, е кандидат за носител на јавна функција или јавно овластување, а 24 се лица кои биле носители на јавна функција или јавно овластување.

Во следниот период, како што најави Димитровски, Комисијата ќе продолжи со проверката на исторските и оперативните досиеја во Дравниот архив на Македонија.

– За овие четири месеци сите 11 членови веќе проверија по 20 досиеја во Архивот, што вкупно изнесува 220 досиеја, дополнително прегледание се и досиеја во базата на Комисијата, вели Димитровски.

Одржани се 17 седници, а Комисијата одлуките ги донесува со мнозинството гласови од вкупниот број членови. За да бидат полноважни одлуките, за нив мора да гласаат најмалку шестмина членови на Комисијата.

Според Извештајот што неодамна лустрациската комисија го достави до Собранието, во периодот од 31 јули лани до 31 јануари 2015 биле поднесени девет барања и иницијативи од трети лица, согласно член 34 од Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција. Четири од овие барања и иницијативи се завршени, а за три се уште се чекаат одговори од четирите институции.

Во овој период против решенијата на Комисијата за верификација на фактите  пред надлежниот Управен суд се поднесени пет тужби. Комисијата на сите поднесени тужби одговорила во предвидениот законски рок со поднесување на одговори на тужбите.

Пред Вишиот управен суд, пак, во овој период се поднесени 43 жалби и на сите нив, исто така, е одговорено во предвидениот законски рок. Според извештајот од лустрациска, Вишиот управен суд, досега донел шест конечни пресуди од кои со четири пресуди се одбиени жалбите како неосновани, а во две пресуди жалбите на тужителите се прифатени како основани со што судот ги вратил предметите на повторно разгледување. Исто така и од предметите кои биле пред првостепениот суд, за шест од нив тужбите на тужителите се одбиени како неосновани со што се потврдени решенијата на Комисијата, а за еден предмет поништено е решението на Комисијата и вратен на повторно разгледување.