Повеќе од 17.600 средношколци ќе полагаат државна матура

Оваа учебна година за полагање на државна матура се пријавени 17.643 ученици. Од нив 8.815 се од гимназиско образование, 8550 од средно стручно образование и 278 од средно уметничко образование, информираат од Државниот испитен центар.

Согласно Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование со четиригодишно траење, во Република Македонија учениците екстерно полагаат 3 предмети. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик.

На 11 јуни во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага задолжителниот предмет, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература.

Македонски јазик и литература ќе полагаат 11.359 кандидати, 5.565 албански јазик и литература, а 397 турски јазик и литература.

На 15јуни во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага странски јазик. Како и секоја година и оваа најмногу матуранти имаат избрано да полагаат англиски јазик и тоа 16336. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите предмети е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 134 кандидати, германски јазик 178, а руски јазик 47 кандидати.

На 17јуни математика ќе полагаат 2.626 кандидати.

На 19 јуни ќе се полага: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4.582 кандидати, историја 3.856, биологија  3.654, филозофија 2.679, хемија – 354, физика 119 и естетика  204.

Испитниот материјал се доставува во училиштата и се враќа во ДИЦ истиот ден кога се реализира испитот.

Сите испити почнуваат во 10 часот.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани 2.117 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи претставници од институциите надлежни за образованието во Република Македонија.