Повеќе од 20 илјади слободни места во средните училишта

Денеска започнува вториот уписен рок во средните училишта низ Македонија. Осмоодделенците кои не се запишаа во средно на двете пријавувања во јуни ќе имаат можност да го направат тоа во вториот уписен рок.

Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени утре на огласните табли во училиштата.

Според податоците на Министерството за образование и наука, во вториот, августовски рок, има вкупно 20.089 слободни места. Од нив, 13.347 се за настава на македонски јазик, 5.969 на албански, 739 на турски и 34 на српски наставен јазик.

Според видот на образованието, во гимназиите има 5.127 места (3.260 на македонски, 1.576 на албански, 257 на турски и 34 на српски јазик).

Во средните стручни училишта вкупно се слободни 14.818 места (9.981 за македонски наставен јазик, 4.355 за албански и 482 за турски јазик).

Во уметничкото образование слободни се 107 места – 69 за настава на македонски јазик и 38 за албански наставен јазик. Во Спортската академија се слободни 37 места.

Од МОН информираат дека во сите општини во Република Македонија има слободни места за запишување на ученици во вториот уписен рок.