Повеќе од 3 000 даночни обврзници ја заокружиле регистрацијата на новите фискални уреди

Според последните податоци на УЈП, 3.348 даночни обврзници успешно ја имаат заокружено регистрацијата на 7.033 фискални системи на опрема со GPRS уред.

Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски верува дека сите големи даночни обврзници ќе ја исполнат обврската до крајот на месецот.

– Стапено е во контакт со сите. Нашите информации од терен говорат дека сите компании се веќе во фаза на преговори со овластените продавачи на каси и поголеми системи и веќе од следната недела, односно од 1 ноември продолжуваме со останатата категорија даночни обврзници, изјави Трајковски на новинарски прашања на денешната презентација на завршната студија за нов ИТ систем во УЈП.

Инаку, по пат на писмено соопштение од УЈП потсетуваат дека обврска за воведување на фискален апарат со GPRS уред најдоцна до 31 октомври 2014 година имаат даночните обврзници чиј промет во претходната година надминува 10.000.000 денари, понатаму обврзниците кои вршат угостителска дејност и кои вршат промет на нафтени деривати на мало (бензински пумпи).

Рокот за сите други даночни обврзници е до 31 јануари 2015 година.

За невоведување на фискален апарат со ГПРС уред законот предвидува времена мерка забрана за вршење на дејност, како и парични глоби за одговорното лице и правното лице.