Повеќе од 8.000 жени во Шуто Оризари немаат матичен гинеколог

Жените од Шуто Оризари, денеска  уште еднаш алармираа за потребата за отворање на ординација на матичен гинеколог. Тие во јуни минатата година го покренаа ова прашање, по што се понуди парцијално решение. Имено, по налог на  Министерството за здравство од 1 јули 2014 во здравствениот дом во Шуто Оризари се обезбедуваат гинеколошки услуги еднаш неделно. На овој начин ни од далеку не можат да се задоволат потребите на жените од општината и не се нудат услуги кои ги нудат матичните гинеколози, односно не може да се следи бременост, не се прават ПАП тестови и микробиолошки брисеви, ниту пак може да се упатуваат жените за лабораториски испитувања и до болничките установи.

Салија Бекир Халил, параправник и активистка од самата заедница, денес истакна дека повеќе од 8000 жени од Шуто Оризари кои се наоѓаат во репродуктивен период немаат матичен гинеколог во својата општина, а со тоа им е отежнат пристапот за редовно следење и грижа за своето репродуктивно здравје.

Поаѓајќи од потребата за пристап до квалитетни и достапни услуги поврзани со нивното репродуктивно здравје, односно потребата за постојанa гинеколошка ординација во општината,  жените од општина Шуто Оризари самоиницијативно спроведоа петиција за отворање на ординација на матичен гинеколог во нивната општина, при што беа собрани околу 2200 потписи и истата денес ќе ја достават до Министерството за здравство.

Преку петицијата, жените од општина Шуто Оризари бараат Министерството за здравство да најде начин за отворање на постојана ординација на матичен гинеколог, со што ќе се гарантира правото на пристап до квалитетни услуги поврзани со репродуктивното здравје кое го ги имаат сите граѓани на Македонија.