Повеќе странски фирми заинтересирани за гасификацијата на Скопје

Повеќе домашни и странски компании се заинтерсирани за учество во процесот на гасификација на скопскиот регион, што треба да се реализира преку јавно – приватно партнерство, посочи министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески на денешната презентација на проектот, пред компании членки на Стопанската комора и повеќе експерти.

Јавниот оглас за избор на концесионер трае до крајот на мај и доколку процедурата е успешна, веќе од почетокот на следната година и требало да почне реализацијата на проектот.

Бенефицијата од природниот гас како најпогоден реагенс на 21 век, најпрво ќе ја почувствуваат домаќинствата во колективните станбени живеалишта и тоа веќе од втората година откога ќе стартува проектот. Од третата година, можност за приклучување на гасоводниот систем ќе имаат и граѓаните кои живеат во куќи.

Инвестицијата за изградба на примарната и секундарната гасоводна мрежа, идниот концесионер ќе го чини околу 100 милиони евра, а за возврат фирмата концесионер 20 години ќе стопанисува со целиот гасоводен систем. За четири години, концесионерот ќе има обврска да изгради 70 отсто од дистрибутивната мрежа во скопскиот регион, кој опфаќа 17 општини. Во тек е изработка и на физибилити студија за гасификација и на источниот и западниот регион на земјава.

Според анализите од студијата за исплатливост што е изработена за скопскиот регион, гасификацијата значително би ги намалила сметките на граѓаните за греење. На пример, стан од 80 квадратни метри кој се затоплува преку системот на Топлификација, доколку се гасифицира сметките за затоплување би се намалиле за 24 отсто. Доколку домаќинството се загрева на дрва, заштедата ќе биде околу 7 отсто, а ако користи електрична енергија заштедата е 35 отсто.
За приклучокот, секое домаќинство ќе треба да плати 1,25 евра за метар квадратен.

Интензивирањето на процесот за гасификација ќе има позитивно влијание и врз стопанскиот сектор кој директно ќе биде вклучен во изработката на дистрибутивната мрежа. Сепак успешноста на проектот најмногу ќе зависи од бројот на вклучувања на домакинствата, јавните и индустриски објекти.

Дел од денешните дискутанти на презентацијата посочија дека е подобро за почеток да се гради гасоводна мрежа онаму каде што нема топлификациона мрежа. Бидејќи се работи за два државни системи кои не треба да се уништуваат еден со друг, а конкуренцијата ќе биде добар надлежните да ги намалат и цените за парното, онаму каде што граѓаните ќе имаат можност да избираат на кој систем да му се приклучат.