Повик до такси возачите бесплатно да посетуваат обука за англиски јазик

Министерството за транспорт и врски и ЗЕЛС минатата недела објавија јавен повик за пријавување на такси возачи бесплатно да посетуваат обука за англиски јазик. Целта е да се обезбеди поквалитетен такси превоз, особено за туристите кои секојдневно ја посетуваат Македонија.

Ова претставува олеснување за такси возачите полесно да го положат испитот по англиски јазик и да добијат сертификат кој ќе биде услов за добивање на лиценца за такси превозник од 1-ви јануари 2017 година, истакна портпаролот на Министерството Драган Симоновски кој додаде дека обуките ќе бидат бесплатни.

Истите опфаќаат посетување на 80 часа на обука по англиски јазик, а право на учество имаат сите такси возачи вработени во правни лица, лиценцирани за такси дејност во општините низ Република Македонија.

Право на учество на јавниот повик имаат сите таксисти вработени во правни лица лиценцирани за такси дејност од општините во Република Македонија, а да не се постари од 62 години. Овој повик не се однесува на такси возачи вработени во правни лица, лиценцирани да вршат такси дејност во градот Скопје. Огласот за пријавување трае 45 дена од денот на објавувањето.

За сите оние кои нема да поседуваат сертификат по 1-ви јануари 2017 година, ќе постојат одредени законски санкции.